Српскиот министер за култура Никола Селаковиќ изјави дека во судската постапка за случајот „Генералштабот“ во кој се осомничени тој и уште три лица, „нема кривично дело“ и дека станува збор за „политички монтиран процес“, пренесува Н1.
„Ниту јас, ниту моите колеги не сме имале корист од никого, а уште помалку сме ѝ наштетиле на државата или на некого, нема ниту штета ниту корист, обвинителството не спроведе никаква финансиска и економска експертиза“, изјави Селаковиќ за телевизијата Информер.
Според него, протестот што беше организиран во средата, на денот на судењето пред зградата на Специјалниот суд во Белград, претставува „обид за вршење притисок врз самиот судски совет“.
Осомничениот Селаковиќ, в.д. директорот на Републичкиот завод за заштита на спомениците Горан Васиќ, секретарката во Министерството за култура Славица Јелача и Александар Ивановиќ од Градскиот завод се изјаснија за невини на судењето, а следното рочиште е закажано за 15 април.
Според обвинителниот акт предложен од Обвинителството за организиран криминал (ТОК), тие се товарат за злоупотреба на службената положба во врска со отстранувањето на статусот на културно добро од стариот Генералштаб.



