ССМ: Ако Владата одлучи да ги зголеми платите, нема повеќе да не гледаат, се дотогаш остануваме на улица

Сојузот на синдикати на Македонија до крајот на февруари остава простор за договор за зголемување на минималната плата на 600 евра и останатите плати за 100 евра. Доколку тоа не се случи, во првата половина на март следува генерален штрајк и голем работнички протест за кој ќе биде организиран и превоз од останатите градови за секој оној што ќе сака да присуствува.

ССМ денеска ги блокираше влезовите на Владата порачувајќи и дека има можност на денешната владина седница да донесе одлука за зголемување на платите на работниците.

24 министри, на денешната седница на Владата, треба да предложат измени и дополнување на Законот за минимална плата, ако сакаат да бидат со работниците — да се зголеми минималната плата на 600 евра и да се зголемат сите останати плати за разликата од претходната минимална до новата минимална плата, или за најмалку 6.000 денари, рече претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.

Во наредниот период до почетокот на март не се искллучува можноста за организирање блокади на таргетирани институции и во внатрешноста на државата.

Ако одлучат, на седница на Влада, да ја зголемат минималната плата на 600 евра и да ги зголемат сите останати плати за најмалку 6.000 денари, нема да ме гледаат повеќе на телевизија, нема да ме гледаат на социјалните медиуми. Се дотогаш продолжуваме онаму каде што стоиме сега, на улица, изјави Трендафилов.

Вели дека барањата за зголемување на платите се реални и дека во Буџетот има пари само што се лошо распоредени и дека како синдикат не треба да отстапат од барањата.
Дали сите ние кои сме денеска тука, и вие кои ги држите микрофоните, и ние од оваа страна, дури и тие што се позади нас, во Владата, и овие кои ги чуваат… Сметаат ли дека Сојузот на синдикати на Македонија треба да се откаже од достоинствена плата, од 600 евра минимална плата затоа што 9.250 денари е зголемена вредноста на синдикалната минимална кошница во овие 24 месеци, а минималната плата не е зголемена воопшто, туку само усогласувана согласно законските одредби. Ако минималната плата законски биде усогласена во март зголемувањето ќе биде до 1700 денари Ако некој смета дека треба да се откажеме слободно нека каже, но ако некој смета дека треба да продолжиме да се бориме — не треба да го коментира тоа и да ни става лајкови на Фејсбук, туку да излезе на улица со нас затоа што само така можеме да се избориме за нашите работнички права, рече Трендафилов.
ССМ ја почна блокадата. Мицковки си влезе во зградата на главната врата

Со денешната блокада на Владата, ССМ ја заврши втората фаза во која беа блокирани Собранието и Стопанската комора.
Од Владата засега молк. Она што е познато е дека остава за ова да се договорат синдикатите и работодавачите иако согласно МОТ, дијалогот е трипартитен односно во него учествуваат синдикатите, работодавачите и Владата.
Работодавачите бараат поголема продуктивност од работниците и се жалат дека зголемувањето на платите ќе се одрази на работењето и постои опасност од затворање на некои бизниси. Од Бизнис конфедерацијата бараат субвенционирање на дел од придонесите, но ваквиот предлог лани не го прифати Владата.

Пронајдете не на следниве мрежи: