Стано: ЕУ нема да одбие соработка со Русија во борбата против тероризмот доколку добие рационален предлог за тоа

Европската Унија е подготвена да соработува со Русија во борбата против тероризмот доколку добие предлог за тоа базиран на рационална основа и на почитување на меѓународните правила. Но, во овој момент ние се соочуваме со режим кој ја вовлече и ја држи земјата во илегална војна и затоа би било тешко да се замили која би била основата на таа соработка, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано.

Во одговор на новинарско прашање за евентуалната можност за некаква соработка меѓу ЕУ и Русија за борба против тероризам по терористичките напади во Москва, Стано потсети дека по стартот на руската агресија врз Украина, Унијата ја суспендира сета соработка со Русија поради нејзино непочитување на меѓународното и хуманитарното право и на Повелбата на ОН.

„Сепак, ние бевме многу јасни во осудата на она што се случи во Москва. За нас нема сомнеж дека тоа беа терористички напади. Ако Москва излезе со предлог, кој има рационална основа и се базира на почитување на меѓународните правила, Европската Унија нема да рече ‘Не’. Но, во овој момент ние се соочуваме со режим кој ја вовлече и ја држи земјата во илегална војна и режим кој го репресира своето население со голем број мерки, па затоа би било тешко да се замили која би била основата на таа соработка“,

изјави Стано, додавајќи дека ЕУ е еден од најодговорните меѓународни партнери кога станува збор за соработка во борбата против тероризмот.

Тој потенцира дека ова не се први терористички напади на територија на Русија и ниту еден од нив не бил расчистен со соодветна истрага.

„Тоа отвора многу прашања во врска со однесувањето на властите“, додаде Стано.

Тој истакна и дека ЕУ ја повикува Владата на Русија да не ги користи терористичките напади во Москва како изговор за засилување на илегалната агресија врз Украина или за зголемување на внатрешната репресија во земјата.

Според него, ЕУ изразува и загриженост поради обидите на претставници на режимот во Москва да ги поврзат двата терористички напади со Украина и целосно ги отфрла таквите тврдења.

„Нема никакви индикации, никаков доказ или што и да е друго, што би укажало дека Украина е поврзана со нападите на кој било начин“, додаде Стано.

Во врска со евентуалното зголемување на нивото на безбедносна закана во ЕУ како реакција на нападите, портпаролот на ЕК за правда, еднаквост и владеење на правото Кристијан Виганд изјави дека безбедноста на Европа е приоритет за Европската комисија и дека таа презела повеќе мерки за зајакнување на сигурноста, но дека носењето одлука за подигнување на степенот на безбедносна закана е во ингеренција на земјите членки, што некои од нив веќе и го сториле.

Руските власти покренаа обвинение против четворицата уапсени мажи за кои се тврди дека се директни извршители на терористичкиот напад во концертната сала „Крокус сити хол“ во петокот во кој беа убиени најмалку 137 лица, а повеќе од 100 ранети.

Сите четворица се обвинети за тероризам, а двајца од нив, како што пренесе Би-би-си, пред судските власти ја признале вината. Четворицата обвинети ќе бидат задржани во истражен затвор најмалку до 22 мај, соопшти судот.

Тројца од обвинетите вчера под силно полициско обезбедување, со двојно превиткани раце, беа изведени пред окружниот суд Басмани во Москва, додека четвртиот од групата беше донесен во инвалидска количка.

Според руските државни медиуми, обвинетите се именувани како Далерџон Мирзоев, Саидакрами Муродали Рачабализода, Шамсидин Фарудини и Мухамедсобир Фајзов.

Пронајдете не на следниве мрежи: