Стапуваат во сила новите рестриктивни мерки – граѓаните поделени, угостителите револтирани

Граѓаните поделени, угостителите револтирани. Половичните анти ковид мерки предизвикаа бура од реакции во јавноста. Додека земјите од регионот и Европа во пресрет на новогодишните празници најавуваат ригорозни мерки, полициски час и карантин, во државава властите делумно ги затворија угостителските објекти. До 20 јануари, рестораните и кафулињата по 18 часот ќе имаат клуч на врата. Ова ги разгневи угостителите кои сметаат дека секое кратење работното време, ќе води од отпуштање на вработените. Сепак, граѓаните со поделени мислења. Дел од нив сметаат дека е потребно целосно затворање на рестораните, други пак ја поддржуваат оваа мерка.
Независната угостителска комора пак поднесе Иницијатива за оценување на уставноста на одлуката за ограничување на работното време. Велат дека ќе ги почитуваат сите донесени владини мерки, но нивните економски загуби ќе побараат да бидат обесштетени. Најавија дека ќе бараат одговорност и од Комисијата за заразни болести, за, како што велат, селективните и дискриминирачки мерки.
Министерот за економија Бектеши вели дека мора да се почитуваат оти се препорака од Комисијата која во моментов е најповикана што се однесува до пандемијата. Вети дека Владата ќе му излезе во пресрет на угостителскиот сектор.
Тоа е предлог на Комисијата за заразни болести. Ние во континуитет сме кажале дека ќе ги почитуваме сите нивни предлози имајќи во предвид дека тие се најповикани што се однесува до пандемијата во нашата држава. Ние веруваме во нивниот капацитет, но мора да кажеме дека ние нема да ги изоставиме угостителите во нашата држава, ќе им излеземе во пресрет како Влада како што сме направиле и претходно. Мерките ќе останат се до моментот кога Комисијата за заразна болести ќе мисли дека ќе треба да се донесат други – изјави Крешник Бектеши.
Со мерките кои ќе бидат во сила до 20-ти јануари, освен што се скратува работното време, се забранува и организирање забави за претстојните празници на отворен или затворен простор. Хотелите ќе работат до 21 часот но и таму се забранети било какви прослави за празниците. Ќе работат и кладилниците и казината, но тие нема да служат пијалоци по 18 часот. Се забранува и изнајмувањето викендици и други туристички капацитети за групно собирање и организирање прослави.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.