Стефан Требст: Ванчо Михајлов не ја исполнил задачата на Хитлер

„Со неколку расправи – денес и утре, Михајлов треба да се обиде да го спаси она што треба. Меѓутоа, состојбата изгледа безнадежна. И Михајлов е на истото мислење, откако сам можеше да се увери за состојбата на нештата“.

Истовремено СССР и објавува војна на Бугарија. Непосредното навлегување на советските трупи во балканската држава што следеше потоа, како и нивното напредување до германската основната сврзувачка линија во Вардарската долина, доведуваат до драматично изострување на воената ситуација. Како резултат на тоа, Рибентроп го притиска германскиот амбасадор во Софија СС-обергрупфирерот Адолф Хајнц Бекерле:

„Денес фирерот одново нареди да биде прогласена независноста на Македонија – овојпат без повеќе одлагања“.

На истиот 5 септември Михајлов патува од Софија за Скопје, каде на 6 септември има повеќе средби со активисти на ВМРО и со месни првенци како и средби со комунистички партизани и со претставници на граѓанското антибугарско ослободително движење на Методија Андонов-Ченто.

Вечерта тој го соопштува своето решение, кое веднаш е е испратено од германскиот генерален конзулат во Скопје до амбасадата во Софија:

„Комитетот (скопските вмровци) се откажува категорично да ја прогласи независност на Македонија, убеден од Ванчо Михајлов, и по опстојна анализа на стекнатите состојби“.

Аргументирајќи го своето решение, Михајлов се запира најмногу на:

Прво, отсуство на приврзаници кои ќе се подготвени да застанат зад независноста и да ја наметнат и, второ, непрекинато и агресивно деморализирање на целото население.

Додека Хитлер, Химлер и Рибентроп се нервираат поради откажувањето на Михајлов, началниците на Вермахтот го преземаат управувањето на Македонија во свои раце во моментот кога таа е „оголена“ заради повлечените бугарски окупаторски сили. На 12 ноември 1944 година, последните германски единици го напуштаат Скопје и заминуваат во насока кон Приштина, а наредниот ден во Скопје навлегуваат партизаните на Тито.

Михајлов и неговата жена, заедно со уште неколку верни другари, се евакуирани од СС припадниците од Скопје, прво во Виена, а пролетта во 1945 година тој бил преместен во гратчето Алтаусзее, во австриските Алпи. За разлика од многуте национал-социјалистички величини кои се наоѓале таму, Михајлов не е вознемируван ниту од американските единици, кои пристигнуваат во градот на 9 мај 1945 година, ниту од востановената по тоа британска воена администрација, како што не е вознемируван, кога Титова Југославија официјално бара негово екстрадирање од Англичаните.

Не е познато каде Михајлов и неговата жена ги поминуваат првите години по војната. Веројатно привремено се запреле во Шпанија на Франко. Во 1948 година, тој успева да добие жителство на Италија, која во наредните 42 години ја напушта само за да се одмора во Австрија и во Германија. Од 1958 година, тој живее под името на „професор Џовани од Унгарија“ во римската населба Монтесакро на ул. „Виа Понца“ 6/7. Тој ги ужива привилегиите на својот долгогодишен познаник Анџело Ронкали, кој во периодот од 1925-1934 година е апостолски претставник на Ватикан во Бугарија, а потоа, до 1939 година, е апостолски пратеник во Турција, државата во која Михајлов добива прибежиште. Во 1958 година Анџело Ронкали е избран за папа Јован XXIII. За разлика од Павелиќ и други усташки лидери, Михајлов не ги користи добрите врски со Ватикан за да се извлече преку „каналот на духовите“ и да најде сигурност во Јужна Америка…

Koj e Стефан Требст? Стефан Требст е професор по историја за Источна Европа на Лајпцишкиот универзитет. Во 1976/77 година специјализирал на Историскиот факултет на Софискиот универзитет „Кл. Охридски“. Автор е на три книги за македонското прашање во 20 век –„Македонскиот век“, „Мусолини, Македонија и големите сили 1922-1934 година“ и „Бугарско-југословенската контроверза за Македонија 1967-1982 година“. Пишува и „паралелна“ биографија на Иван Михајлов и Димитар Влахов.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.