Стоечки овации за „Македонисимо“ на Трпчески во Виена

Светска премиера на оркестарската верзија на музичкиот проект „Македонисимо“ на Симон Трпчески и пријателите се одржа синоќа во престижната концертна сала „Музикферајн“ во Виена, заедно со австрискиот оркестар Тонкунстлер и диригентот Јутака Садо од Јапонија, соопшти Здружението за култура и уметност „КултурОп“.

Стоечки овации за „Македонисимо“ на Трпчески во Виена

„Музика која ги отвора ушите и срцата“, вака беше најавен синоќешниот голем настан за македонската музичка уметност.

– Се случи нешто што засекогаш ќе остане во аналите на историјата на македонската интерпретативна уметност. Возбудата е дотолку поголема што добивме уште една димензија на проектот „Македонисимо“, кој Панде Шахов овој пат го обои во најразлични оркестарски бои за поинаква звучна слика.

Со желба изведбата да донесе уживање и за самиот оркестар, тој ја направи оркестрацијата многу внимателно. Во секој случај, незаборавно е чувството кога грмна тапанот и низ „Музикферајн“ се разлеаја корените на македонската нација – изјави Трпчески за МРТ.

Композиторот и аранжер Панде Шахов, како што пренесува „КултурОп“, појасни дека не менувал ништо во делниците за квинтетот, туку само оркестарски ги обоил.

Изведбата на квинтетот „Македонисимо“ (Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и кавал и Влатко Нушев на перкусии, предводени од пијанистот Трпчески) беше посебна инспирација и за членовите од оркестарот, на чело со нивниот музички директор и шеф-диригент Јутака Садо, кој подвлече дека кога првпат ги видел ритмите во партитурите, се исплашил како ќе ги диригира.

-По дводневни проби, забележав дека со помош на прекрасните музичари од квинтетот „Македонисимо“ не се чувствувам како да следам ритам, матрица, туку како да создавам една многу слободна музика. И среќна! Кога завршува секој од ставовите, оваа музика нѐ прави насмеани, среќни.

Има преголемо уживање во оваа музика што го слави животот на многу креативен начин – изјави маестро Садо за МРТ.

„КултурОп“ информира дека одушевената публика тоа го препозна и по стоечките овации следуваа две изведби на бис.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.