На денешното судско рочиште за самоубиството на Ивана Јовановска и нејзината шестгодишна ќерка Катја што се случи во скопски Карпош, обвинетиот Стојанче Јовановски сведочеше дека тој бил жртвата и дека дрогата пронајдена во неговиот автомобил му била подметната.
Јовановски даде сосема спротивен исказ од досегашните сведоштва на сведоците на Обвинителството кое го товари за три кривични дела. Го обвини неговиот колега Мартин Саздов дека му го уништил бракот со Ивана и дека му ја подметнал дрогата во гепекот од автомобилот.
За бракот со Ивана рече дека имале нормални односи на почетокот, а за несогласувањата ја обвини Ивана за неверство. Во неговиот исказ не спомена дека ја тепал Ивана.
Сепак, анализите од судска медицина покажуваат дека Ивана освен повредите здобиени од падот од зградата, имала и подливи на брадата и вратот од тап и тврд предмет настанати десетина дена претходно.
Експертот по судска медицина Златко Јаќовски, кој сведочеше во судница, рече дека кај покојната Ивана не се пронајдени траги од алкохол и психотропни супстанци, додека Стојанче во телото имал и кокаин и лекови за смирување.
-Со токсиколошката анализа на крвта и урината, кај лицето Стојанче Јовановски во урината е констатирано присуство на кокаин со концентрација од 307,5 нанограми на милилитар, како и присуство на бензодиазепини, лекови за смирување во концентрација поголема од илјада нанограми на милилитар. Има присуство на дијазепам, а во урината нордијазепам и метаболит на кокаин, рече Јаќовски.


