– Странските директни инвестиции во балканскиот регион доживуваат значителен пад, како резултат на германската криза, економската стагнација во Европа и неизвесноста на глобалните пазари. Најновите податоци од централните банки во регионот покажуваат дека во речиси сите земји има забележително намалување на инвестициските текови, додека експертите предупредуваат дека трендот на намалување може да продолжи дури и во 2026 година.
МАКЕДОНИЈА: ИНВЕСТИЦИИТЕ СЕ ПОПОЛОВЕНИ
Според Народната банка на Северна Македонија, во текот на првата половина од 2025 година, во земјата влегле 221,2 милиони евра странски директни инвестиции – многу помалку отколку во истиот период минатата година, кога беа регистрирани 573,6 милиони евра. Најголемиот прилив оваа година дојде од Германија (88 милиони евра) и Турција (39 милиони евра). Во 2024 година, Македонија достигна историски рекорд со 1,25 милијарди евра инвестиции, што е двојно повеќе од бројката од 2023 година (616,7 милиони евра). Слични податоци доаѓаат и од соседните земји. Во Србија, според Народната банка, во текот на првите осум месеци од 2025 година се регистрирани нешто над 2,1 милијарди евра странски директни инвестиции, во споредба со 3,6 милијарди во истиот период од 2024 година – намалување од речиси 42%.
Дури и во земјите од ЕУ во регионот, како што се Бугарија, Романија и Хрватска, трендот е негативен. Според анализата на порталот Makroekonomija.org, Бугарија од позитивен тек од 2,8 милијарди евра во 2024 година, се намали на негативен тек од 380 милиони евра во вториот квартал од 2025 година. Во Романија, инвестициите се намалија од 3,2 милијарди евра во првите осум месеци од 2024 година на 1,5 милијарди евра оваа година – намалување од над 50%. Во Хрватска, тек од 4,2 милијарди евра минатата година се намали на само 1 милијарда евра за првата половина од 2025 година.
КРИЗА ВО ГЕРМАНСКАТА АВТОМОБИЛСКА ИНДУСТРИЈА
Во Македонија, поголемиот дел од странските инвестиции се поврзани со автомобилската индустрија и германскиот пазар. Сепак, кризата во овој сектор значително влијаеше врз активноста на производствените компании во земјата.
„Во првите шест месеци од оваа година, продажбата на нови возила во Германија се намали за 4,7%, додека само во јуни за 13,8%. Ова директно влијае на нарачките и обемот на производство на компаниите што работат во Македонија“, рече Виктор Мизо, претседател на Советот на странски инвеститори.
Cпоред него, дел од капиталот се пренасочува кон азиските пазари, каде што трошоците за производство се пониски, додека европските компании губат место на пазарот на ЕУ поради кинеската конкуренција.
„Обемот на работа во земјите од регионот ќе зависи од клиентите и моделите на возила произведени за европскиот пазар“, рече Мизо.
Професорот по економија на Универзитетот во Белград, Милорад Филиповиќ, нагласува дека овој феномен е очекуван по неколку години континуиран раст.
„Странските инвестиции влегуваат во фаза на опаѓање. Ова е циклично движење под влијание на многу фактори – од енергетската криза и забавувањето на главните европски економии, до ориентацијата на капиталот кон пазари со помалку ризици“, проценува тој.
ДОМАШНИ ПРОБЛЕМИ: НЕДОСТИГ НА РАБОТНА СИЛА И БИРОКРАТИЈА
Според Анкетата за странски директни инвестиции од 2024 година, спроведена од Советот на странски инвеститори при Стопанската комора, 62% од странските компании во Македонија пријавиле намалување на обемот на работа, додека 51% се жалат на недостаток на квалификувани работници. Околу 49% од нив го истакнуваат зголемувањето на оперативните трошоци како главен проблем, додека дополнителни пречки вклучуваат: бирократија, правна несигурност, чести промени во регулативата и корупција.
За 29% од испитаниците, недостатокот на работна сила и високата мобилност на работниците се главните предизвици, додека 60% бараат подобрување на образовниот систем и нови обуки за работниците. На исто ниво како и во претходната 2023 година, проблемот е бирократијата и несоодветното постапување на институциите, правната несигурност и честите промени во деловните прописи, а петтиот проблем е корупцијата и проблемите со судството“, велат од Советот на странски инвеститори.
The post СТРАНСКИТЕ ИНВЕСТИЦИИ ПАЃААТ ВО РЕГИОНОТ: Германската криза влијае на Балканот appeared first on Во Центар.



