Струјата ќе поскапи од први јануари

Цената на струјата од државната ЕСМ ќе биде за 4,84 проценти повисока наредната година. Таа има најголемо значење во формирањето на крајната цена.

ЕВН Хоме како Универзален снабдувач на електрична енергија, на тендерот за набавка на електрична енергија за задоволување на потребите на корисниците за периодот јануари-декември 2026 доби само една понуда и тоа од АД ЕСМ со купопродажна цена на електрична енергија од 65 евра за мегаватчас, за покривање на 100 проценти од вкупно планираните количини, известија од компанијата.

Оттаму појаснија дека „оваа цена е повисока за 4,84 проценти од претходната која беше добиена на последниот тендер на Универзалниот снабдувач (јуни-декември 2025), кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена од 62 евра за мегаватчас.

-Под комплетен надзор на Регулаторната комисија за енергетика и согласно законските обврски и претходно утврдената методологија, во наредниот период ЕВН Хоме ќе ја пресмета цената на електрична енергија по однапред утврдени влезни параметри. Како и секогаш, во крајната цена влегуваат: цената по која АД ЕСМ ја продава електричната енергија на ЕВН Хоме, цената на Преносниот систем оператор МЕПСО, цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, како и цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција – велат од ЕВН хоум.

Како што е познато, учеството на цената на струјата од капацитетите на ЕСМ има најголемо значење во формирањето на крајната цена.

Пронајдете не на следниве мрежи: