Судир за јавното земјиште во Тетово: ДУИ обвинува за продажба, општината ги отфрла тврдењата

ДУИ ја обвини Општина Тетово и мнозинството ВМРО – ВЛЕН во Советот на Општината за усвојување на програмата за управување со градежното земјиште за 2026 година, која според нив предвидува продажба на 21 парцела со над 56 илјади квадратни метри јавно земјиште. Според Линдита Алиу од ДУИ, на листата за продажба се вклучени и простори од значење за граѓаните.

-На оваа листа има простори од значење за граѓаните: паркингот кај Веро, просторот кај Спортскиот центар, земјиште од 38.000 м2 во Сараќино за само 61 денар по квадратен метар, како и парцели во Мала Речица, каде жителите со години бараат градинка за своите деца. Ова што тие се обидуваат да го промовираат како економски развој и управување со градежното земјиште, всушност претставува организиран грабеж на јавниот имот и збогатување на поединци блиски до власта. Јавниот имот не е личен имот на Билал Касами ниту на мнозинството ВМРО – ВЛЕН. Тоа е сопственост на граѓаните на Тетово, вели Линдита Алиу, ДУИ – огранок Тетово.

Реагираше заменик-градоначалникот на Тетово, Алби Ќамили. Набројувајќи продажба на неколку имоти во минатото, рече дека 1 евро за квадратен метар е симбол на ерата на Бајрам Реџепи и Теута Арифи, двојката која според него, продала половина Тетово по оваа цена.

– Оваа хистерија што се обидуваат да ја создадат е целосно празна и вештачка пропаганда. Општина Тетово и сите други општини имаат законска обврска секоја година да ја усвојуваат годишната програма за јавниот имот. И оваа година ја поминавме оваа програма во Советот, како и секоја друга година, веќе пет години по ред. Тоа не значи дека сите тие имоти ќе се продаваат, а уште помалку по цени од 1 евро за квадратен метар, како што ги продаваше ДУИ, вели Алби Ќамили, заменик-градоначалник на општина Тетово.

Сепак, од ДУИ Тетово најавија дека ќе преземат и правни мерки против сите оние кои ги злоупотребуваат јавните позиции и кои, според нив, носат одлуки на штета на тетовци и се претвориле во трговци со јавниот имот.

Пронајдете не на следниве мрежи: