Студентката Девон Тавернер-Хејлоу (20) раскажала низ каков пекол поминала пронаоѓајќи ја својата сродна душа. Се присетила на пропаднатите излегувања.
„Запознав едно момче преку апликација за запознавање, се допишувавме повеќе од една година и бев возбудена што конечно ќе се видиме во живо. Се шетавме низ парк, разговаравме, и токму кога помислив дека се’ помина одлично, ми рече: ‘Многу си убава, навистина штета’. Потоа измисли дека мора да оди до тоалет и повеќе никогаш не се појави. Ме остави во паркот“, раскажала таа.
Малку подоцна ѝ испратил порака: „Таа твоја нога е премногу чудна. Тоа нималку не ме возбудува, напротив. Немој никогаш повеќе да ме контактираш.“
Како што вели, била скршена кога го прочитала тоа. Не можела да престане да плаче.
„Го прашав дали може барем да се врати до паркот и да ми помогне да го најдам патот за назад, но одговори дека не сака да има повеќе ништо со мене, а потоа ме блокираше. Бев во страшен шок“, додала таа.
Тоа не било првпат да ѝ се случи нешто толку грозно поради протезата. Имено, Девон се родила со ретко пореметување, односно PFFD. Со други зборови, родена е без бедрена коска, а покрај тоа е и глува.
„Долниот дел од ногата ми е прицврстен со колкот, а тоа значи дека таа нога е многу пократка од другата, па морам да носам протеза. Свесна сум за својата нога и начинот на кој зборувам, а после неколкуте лоши искуства, едноставно престанав да сакам да излегувам и станав депресивна, иако по природа сум природна и весела“, рекла таа.
Еден ден таа и нејзината мајка одлучиле да гостуваат во емисијата „21 Again“, а тоа , како што вели, што потполно ѝ го променило животот. Серијалот го следи животот на пет мајки и нивните ќерки кои еден месец живеат заедно во иста куќа. Мајките на некој начин се инволвирани во световите на нивните ќерки, добиваат помлад изглед и се обидуваат да го доживеат и да го сфатат она низ што нивните ќерки поминуваат, од излегувања, социјални мрежи, до роднини и сексуална тематика.
„Поради тоа се чувствував самоуверено, тоа ме извлече од лошиот период“, рекла оваа храбра девојка.
Се присетила на уште еден обид за излегување со едно момче, кое дошло по неа со автомобил.
„Знаеше за мојата протетска нога, но кога виде на кој начин одам, ми рече да излезам од автомобилот. Секојпат кога ќе се обидев да излезам со некого, приказната исто завршуваше. На крајот ми дојде премногу, па одбивав да се запознавам со нови луѓе“, се присетила таа.
„Доаѓаше дома вознемирена. Нејзината ментална состојба не беше најдобра. За среќа, после емисијата се врати онаа старата“, вели нејзината мајка која секогаш била покрај неа.
Како мала, Девон сонувала да танцува како нејзината мајка, која е професионална танчерка.
Таа желба ќе ѝ се исполни, бидејќи е повикана на аудиција за Канкодо Денс Компани, модерно танчерско друштво во кое танцуваат и луѓе со инвалидитет и оние кои немаат никаков проблем.
„Ако немав пореметување, мислам дека би била спортистка или би играла балет. Сонувам да покренам тренди магазин за млади луѓе со инвалидитет и да напишам книга за деца со ликови кои и покрај инвалидитетот ги остваруваат своите соништа“, заклучува Девон.