Тешки денови во Папуа Нова Гвинеја – затрупани се над 150 куќи под земја

Лизгањето на земјиштето во провинцијата Енга се случи во петокот околу три часот по полноќ, време кога веројатно многумина од настраданите спиеле

Јавноста во Папуа Нова Гвинеја е потресена од катастрофалното лизгање на земјиштето кое се случи во петокот во провинцијата Енга, а шефот на Меѓународната организација за миграција, Серхан Актопрак информира дека бројот на загинати веројатно е многу поголем од првичното верување.

„Проценката е дека затрупани под земја се повеќе од 150 куќи“,

изјави денеска Актопрак.

Лизгањето на земјиштето се случи во петокот околу три часот по полноќ, време кога веројатно многумина од настраданите спиеле.

Спасувачите се во опасност бидејќи земјиштето сè уште се лизга, а водата која протекува ги загрозува сите кои учествуваат во спасувачката мисија.

Најмалку 1000 луѓе се раселени како последица на природната катастрофа.

„Сè уште не го знаеме точниот број настрадани и можеби нема ни да го знаеме во догледно време“,

изјави портпаролот на хуманитарната организација „Care Australia“.

Она што на сите им е јасно е дека бројот на загинати ќе биде многу поголем од првичните проценки.

Во спасувањето засега се користат стапови и лопати, а поголема механизација сè уште се очекува.

До денес се пронајдени само пет безживотни тела.

Во некои делови од теренот, дупките полни со камења и дрвја достигнуваат и до осум метри.

Она што уште повеќе ја отежнува акцијата е што до провинцијата Енга има само еден автопат, кој и самиот на неколку места е затрупан со огромни одрони.

Во Папуа Нова Гвинеја живеат повеќе од 11,7 милиони луѓе. Во оваа држава опстојуваат околу 850 автохтони јазици, што ја прави лингвистички најбогата земја на светот.

Пронајдете не на следниве мрежи: