Маж на 32-годишна возраст ноќеска бил убиен во пукање пред угостителски објект во главниот град на Босна и Херцеговина, Сараево, откако претходно избила тепачка меѓу неколку мажи, објави „Дневни аваз“.
Расправијата наводно започнала поради девојка, кога двајца мажи се скарале, а потоа дошло до судир и со други присутни. Во обид да ги раздели, им пришол Мехмед Смечанин, познат како Меша, кој бил задолжен за обезбедување на објектот. Тој бил застрелан во градите, а според неофицијални информации, куршумот му го погодил црниот дроб.
Според „Аваз“, во него пукал Емил Тахировиќ, кој живеел во Германија, а по пукањето избегал од местото на настанот.
Полицијата привела 18-годишен германски државјанин, кој во моментов е на криминалистичка обработка во МВР на Сараевскиот кантон. Портпаролката на кантоналното обвинителство, Азра Бавчиќ, потврдила дека станува збор за германски државјанин.
Портпаролката на Полициската управа, Мерсиха Новалиќ, соопштила дека полицијата околу 2:30 часот добила пријава дека пред угостителски објект на улицата „Змаја од Босне“ било употребено огнено оружје.
Повредениот 32-годишен маж бил пренесен во Клиничкиот центар на Универзитетот во Сараево, каде што лекарите во 4 часот констатирале смрт. За случајот бил известен надлежниот обвинител, кој раководи со увидот.
Смечанин бил оженет и зад себе оставил дете. Неговите пријатели се простуваат од него преку објави на социјалните мрежи.





