Наместо нови лица – стара банда. Вака опозициската СДСМ ги коментира партиските одлуки што беа донесени вчера на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на кој Драган Ковачки беше избран за генерален секретар на партијата, а Извршниот комитет доби некои нови членови.
Најголеми критики партијата има за именувањата на Ковачки и директорот на Службата за општи и заеднички работи Ивица Томовски кој е назначен за организационен секретар.
– Томовски – за организациски секретар, со цел да ги „организира“ односно контролира тендерите. Како оние 161 тендер за семејната фирма на Томовски. Тука е и човекот на Сашо Мијалков од службите, очигледно за контакти со руските служби – Драган Ковачки. Човекот кого НАТО го одби, кој не исполнува услови за сертификат, сега е првиот човек за Мицкоски во партијата. ВМРО се враќа во времето кога службите беа главни во партијата додека се спроведува грабеж. Покрај ова, негов најблизок соработник во Владата е вицепремиерот Стоилковиќ, човек со години во служба на БИА и во интерес на руските служби. Човек кој слави со Ноќните волци и странски анти-ЕУ пропагандисти. Сега кругот е целосно затворен – пишува во реакцијата.



