Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, синоќа во телевизиско гостување објави дека МВР поднесе кривична пријава до Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција против 10 лица, за кои постојат основани сомненија дека се поврзани со нелегално производство и пуштање во промет наркотична дрога по член 215 од Кривичниот законик.
Двајца од осомничените веќе се во 48-часовен притвор, а истрагата што ја води МВР во координација со Обвинителството е поврзана и со дрогата пронајдена во соседна Србија, за која постојат индиции дека потекнува од производствени капацитети за т.н. медицински канабис во државава.
Во однос на случајот со заплената во Србија, Тошковски нагласи дека постојат докази кои упатуваат дека дрогата влегла од Македонија и дека истрагата се води во тесна соработка со српските надлежни органи. Притоа, тој посочи дека суштинското прашање е и како таквата количина наркотична дрога влегла на територијата на Србија, имајќи го предвид начинот на функционирање на заедничките гранични контроли.
„Согласно Договорот кој го имаме за One stop системот е така имплементиран да секоја гранична полиција на МВР, во рамки на граничната контрола го штити влезот во Македонија, односно излезот на Србија и влезот во Македонија. Македонските полициски службеници се на овој граничен премин и тука го контролираат влезот во Македонија. На влезот во Србија го контролираат српските полициски службеници. Значи не е прашањето како излегло од Македонија, туку како влегло во Србија.
Тоа е во делот на министерството за внатрешни работи. Во делот на надлежностите на останатите институции ќе видиме, ќе покаже истрагата.“, потенцираше Тошковски.
Мицкоски: Истрагата за дрогата води до лица од опозицијата
Министерството за внатрешни работи ќе продолжи со засилени контроли и активности за расчистување на сите случаи поврзани со незаконско производство и трговија со дрога, порача Тошковски.
Пронајдете не на следниве мрежи:


