Претседателот на САД, Доналд Трамп изјави во петокот дека прегледот на материјалите поврзани со неидентификувани летачки објекти открил голем број „интересни“ документи и додаде дека првичен пакет записи наскоро ќе биде објавен.
„Пронајдовме многу интересни документи, морам да кажам, и првите објави ќе започнат многу, многу скоро, за да можете сами да видите дали тој феномен е реален“, изјави Трамп пред група поддржувачи на настан организиран од Трнинг Поинт Ју-Ес-Еј.
Трамп во февруари им нареди на американските агенции да започнат со објавување владини досиеја за неидентификувани летачки објекти, неидентификувани воздушни појави и можно постоење на вонземски живот, повикувајќи се на силниот јавен интерес за ова прашање.
Трамп ја нареди оваа ревизија откако го обвини поранешниот претседател Барак Обама дека несоодветно споделувал доверливи информации, откако Обама во едно интервју изјавил дека вонземјани се „реални“.
Обама подоцна појасни дека не видел никакви докази за контакт со вонземски суштества за време на неговиот претседателски мандат, иако истакна дека статистичката веројатност за постоење живот на друго место во вселената е голема.
Трамп, од своја страна, изјави дека ниту тој нема видено докази за постоење вонземјани и дека останува несигурен во врска со нивното постоење.
Во последните години, Пентагон спроведе истраги за пријави на неидентификувани летачки објекти, а високи воени претставници во 2022 година соопштија дека не пронашле докази кои би укажувале дека вонземјани ја посетиле Земјата или дека слетале тука.
Извештај на Пентагон од 2024 година наведува дека американските владини истраги од крајот на Втората светска војна не пронашле докази за вонземска технологија и дека повеќето забележани појави биле погрешно идентификувани обични објекти и природни феномени.



