Трамп: Верувам дека врховниот лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, е сè уште жив

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави дека верува оти новоназначениот врховен лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, е сè уште жив „во некоја форма“, иако не се појавил во јавноста од почетокот на војната во Иран.

„Мислам дека веројатно е. Мислам дека е повреден, но мислам дека веројатно е жив на некаков начин“, изјави Трамп за „Фокс њуз“.

Коментарите на Трамп дојдоа откако Моџтаба Хамнеи сигнализираше дека Иран нема да се повлече во војната со САД и Израел.

Новоназначениот врховен лидер вчера издаде соопштение поради гласините за неговото здравје по неодамнешните напади.

„Нема да се воздржиме од одмазда за крвта на нашите маченици“, рече Хамнеи во порака до иранската нација, според текст објавен од иранските државни медиуми.

Соопштението уследи по извештаите дека Хамнеи е повреден и медиумските наводи дека можеби е во кома по американско-израелските напади во кои беше убиен неговиот татко за време на нападот врз комплекс во Техеран на 28 февруари.

Во интервјуто, Трамп зборуваше и за амбициите на Иран на Блискиот Исток, наведувајќи дека во последните четири месеци таа земја имала „илјадници ракети насочени кон земјите од регионот“.

Според него, Иран сакал да „го преземе Блискиот Исток“ и да контролира земји како што се Обединетите Арапски Емирати, Катар, Оман и Саудиска Арабија.

Зборувајќи за безбедноста на пловидбата низ Ормутскиот теснец, Трамп рече дека бродовите треба „да поминат и да покажат малку храброст“, додавајќи дека Иран, како што изјави, „нема морнарица“ и дека „сите нивни бродови се потонати“.

The post Трамп: Верувам дека врховниот лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, е сè уште жив appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: