Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, го откажа планираниот одмор во август во неговото одморалиште во Бедминстер, Њу Џерси, за да престојува во Белата куќа и да работи на преговори за завршување на војната меѓу Украина и Русија, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит.
Трамп размислувал да ги следи мировните иницијативи од Бедминстер, но одлучил да остане во Вашингтон за да ги интензивира дипломатските активности.
„Ова е обично време кога претседателот оди на одмор, но не и овој претседател. Тој е човек со мисија. Тој сака да се движи. Да ги заврши работите брзо“, рече Левит. Трамп во петокот се сретна со рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска, а во понеделник го угости украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа, заедно со неколку европски лидери. По разговорот, Трамп објави планови за организирање билатерална средба меѓу Путин и Зеленски, со можност за одржување трилатерална средба на која самиот би присуствувал. Белата куќа сè уште не објави временска рамка за тие состаноци, но Левит истакна дека Путин ветил дека ќе се сретне директно со украинскиот претседател. Американските претседатели традиционално го користат август како месец за одмор, додека Конгресот е на пауза. Трамп помина 17 дена во Бедминстер за време на неговиот прв мандат, во 2017 година.



