На состанокот меѓу кинеските и американските делегации е постигнат договор во врска со „компанија од Кина“ која е „многу популарна кај младите“ во САД, објави денес американскиот претседател Доналд Трамп. „Постигнат е договор за компанија која младите во нашата земја навистина сакаат да ја задржат. Тие ќе бидат многу среќни“, напиша Трамп на својот профил на социјалните мрежи, осврнувајќи се на работењето на платформата TikTok во САД.
Трамп објави дека ќе разговара со кинескиот претседател Си Џинпинг во петок. Тој оцени дека состанокот на делегациите на двете земји во Шпанија поминал добро. Порано денес, Кина ги обвини САД за „еднострано малтретирање“ затоа што ги повикаа своите сојузници да воведат тарифи за Кина за купување руска нафта.
Според кинеското Министерство за трговија, Кина, исто така, се спротивставува на барањето на Вашингтон земјите од Групата седум (Г7) и земјите-членки на НАТО да воведат секундарни тарифи за увоз од Кина. Кинеското Министерство за надворешни работи ги повика САД да бидат „разумни во зборовите и делата“ и да ги решаваат разликите преку рамноправен дијалог.



