Американскиот претседател Доналд Трамп денес му порача на Авганистан дека „лоши работи ќе се случат“ ако земјата не ја врати воздухопловната база Баграм на САД. „Ако Авганистан не ја врати воздухопловната база Баграм на оние што ја изградија, а тоа се САД, лоши работи ќе се случат“, рече Трамп во објава на социјалната мрежа Truth social.
Трамп претходно рече дека разговарал со авганистанските власти за повторно преземање на контролата врз воената база Баграм, клучен објект што го користеа американските сили за време на војната во таа земја. „Никогаш не требаше да напуштиме“, им рече Трамп на новинарите во Овалната соба на Белата куќа, коментирајќи го повлекувањето на американските сили од базата во 2021 година, што им овозможи на Талибанците да ја преземат контролата, објави Ројтерс.
Изјавата дојде еден ден откако Трамп, за време на заедничката прес-конференција со британскиот премиер Кир Стармер, рече дека САД сакаат да ја вратат контролата врз базата, што беше клучна точка за американските операции по нападите од 11 септември 2001 година. Воздухопловната база Баграм, која се наоѓа северно од Кабул, беше најголемиот американски воен објект во Авганистан и стратешка точка за воздушни и логистички операции за време на дведецениската војна.
Сепак, авганистанските власти ја отфрлија идејата за обновено американско воено присуство. „Авганистан и САД треба да соработуваат, но без какво било американско воено присуство на наша територија“, изјави претставникот на авганистанското Министерство за надворешни работи, Закир Џалал.
„Волстрит џурнал“ претходно објави, повикувајќи се на добро информирани извори, дека САД се во преговори со Талибанците за повторно воспоставување на американско воено присуство во воздухопловната база Баграм во Авганистан, за да ја користат базата како појдовна точка за антитерористички операции. Разговорите вклучуваат враќање на американските специјални сили во ограничен капацитет во воздухопловната база Баграм, договор за размена на затвореници, можен економски договор и безбедносна соработка.



