Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави дека Соединетите Американски Држави ќе бидат домаќини на следниот самит на Г20 во неговиот имот во Флорида.
Тој рече дека тоа ќе биде „Трамп Нешнал Дорал“ во Мајами, каде што се наоѓаат терените за голф, објави „Политико“. „Ќе имаме чест да бидеме домаќини на самитот на Г20 тука во Америка за прв пат по речиси 20 години. Секој сака да биде во Дорал затоа што е веднаш до аеродромот.
Тоа е најдобрата локација, сè е прекрасно“, рече Трамп во Белата куќа додека потпишуваше низа извршни наредби. Трамп додаде дека нема лично да има корист од тоа и дека би сакал рускиот претседател Владимир Путин да присуствува на самитот.
Според претседателот на САД, секретарот за финансии Скот Бесант ќе ја организира агендата за самитот, а директорот на Националниот економски совет, Кевин Хасет, ќе биде контакт-точка.



