Трамп тврди дека Кинезите се согласуваат со него дека Иран мора да го отвори Ормутскиот теснец во замена за укинување на санкциите

Американскиот претседател Доналд Трамп по средбата со кинескиот лидер Си Џинпинг изјави дека Техеран мора да се согласи на повторно отворање на Ормутскиот теснец, додека Кина изјави дека војната никогаш не требало да започне.

Трамп рече дека ја разгледува и можноста за укинување на американските санкции врз кинеските нафтени компании кои купуваат иранска нафта. Кина е најголемиот купувач на иранска нафта, а американскиот претседател, кога беше прашан дали Си цврсто ветил дека ќе изврши притисок врз Иран, одговори: „Не барам никакви услуги, бидејќи кога барате услуги, мора да им вратите“.

Кинескиот претседател јавно не коментираше за разговорите со Иран, но Министерството за надворешни работи на земјата го изрази своето незадоволство од војната и рече дека тоа е конфликт „кој никогаш не требало да се случи и нема причина да продолжи“.

Според Ројтерс, Ормутскиот теснец практично бил затворен по американските и израелските напади на 28 февруари, што предизвикало голема криза во снабдувањето со нафта и гас и нагло зголемување на цените.

САД ги прекинаа нападите минатиот месец, но започнаа поморска блокада. Техеран одговори дека нема да го деблокира теснецот сè додека Вашингтон не ја прекине блокадата, а Трамп рече дека нападите би можеле да продолжат ако Иран не се согласи со договорот. Во Пекинг, стоејќи покрај Си, тој рече: „Не сакаме тие да имаат нуклеарно оружје, сакаме теснецот да биде отворен“.

Иран продолжува да ги отфрла тврдењата дека сака да развие нуклеарно оружје, но не се согласил да ги суспендира нуклеарните истражувања или да се откаже од своите залихи збогатен ураниум. Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, изјави во Њу Делхи дека Техеран добил пораки од САД за неговата подготвеност да продолжи со преговорите и додаде: „Се надеваме дека, со напредокот на преговорите, ќе постигнеме добар исход за да може Ормускиот теснец да биде целосно обезбеден и да се забрза нормализацијата на сообраќајот низ теснецот“.

Цените на нафтата пораснаа за околу три проценти во петокот, на околу 109 долари за барел, поради стравувањата дека нема да има напредок во решавањето на конфликтот. Разговорите за ставање крај на војната се во застој од минатата недела, откако Иран и САД ги отфрлија најновите предлози на другата страна.
The post Трамп тврди дека Кинезите се согласуваат со него дека Иран мора да го отвори Ормутскиот теснец во замена за укинување на санкциите appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: