Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека САД во моментов не разговараат со Иран, додека Вашингтон се фокусира на економско казнување на Техеран и се заканува со санкции против земјите и компаниите што продолжуваат да соработуваат со Исламската Република.
„Не сакаме да разговараме со нив. Не бараме средба ниту нешто слично“, им рече Трамп на новинарите во Овалната соба, јасно ставајќи до знаење дека во моментов не се планирани нови директни преговори меѓу двете земји.
Портпаролката на Белата куќа, Керолајн Ливит, претходно изјави дека американската кампања на економски притисок ќе продолжи сè додека Иран не одлучи сериозно да преговара, наведувајќи дека Вашингтон има намера дополнително да ја ослаби иранската економија преку операцијата „Економски отпадник“ (Economic Outcast).
Ливит нагласи дека во моментов нема преговори и оти таквата политика ќе продолжи сè додека Трамп не процени дека Техеран е подготвен сериозно да се врати на преговарачката маса, додавајќи дека американскиот претседател сè уште ги задржува сите опции.
Американскиот министер за финансии Скот Бесант на почетокот на неделата ги предупреди другите земји да ги прекинат финансиските врски со Иран или да ризикуваат секундарни санкции како дел од кампањата што Вашингтон ја опиша како „економски Д-ден“ (economic D-Day), иако Министерството за финансии сè уште не ги спровело најавените казнени мерки.
На прашањето дали би ја казнил Русија поради продолжувањето на соработката со Иран, Трамп одговори дека тоа „зависи“, додавајќи дека, според него, Москва досега се однесувала сосема коректно во однос на ситуацијата во Ормутскиот теснец.



