Транспортерите повторно ги блокираат граничните премини во Црна Гора

Меѓународните транспортни оператори во Црна Гора ќе започнат дводневна блокада на товарниот сообраќај на граничните премини со Србија и Босна и Херцеговина во 10 часот наутро. Патничкиот сообраќај е сè уште прооден.

Транспортните оператори протестираат против строгите правила на Европската унија за професионалните возачи, но и против, како што велат, неисполнетите ветувања од страна на црногорската влада, вклучително и враќањето на акцизата за гориво и намалувањето на доцнењата на границата. Камионите што превезуваат лекови, животни и запаливи материјали ќе можат да поминуваат низ граничните премини, објавуваат црногорските медиуми.

Здружението на транспортери вели дека Полициската управа го одобрила нивниот протест на сите гранични премини, освен на пристаништето во Бар, и дека ќе се обидат да го продолжат протестот доколку не бидат исполнети нивните барања. Душан Николиќ, член на Управниот одбор на деловното здружение Меѓународен транспорт на Србија, изјави дека српските транспортери нема да ги блокираат премините бидејќи очекуваат ЕУ да најде дополнителни решенија за професионалните возачи што работат во земјите од Шенген зоната.

Транспортерите од регионот ги блокираа премините кон крајот на јануари поради строгиот визен режим на Европската Унија, познат како правило 90/180 дена. Според правилата на ЕУ, возачите од земјите кои не се членки можат да поминат максимум 90 дена во рамките на Шенген зоната во рок од 180 дена. Дополнителен притисок создаде воведувањето на EES, систем кој овозможува собирање биометриски податоци на границите.

Пронајдете не на следниве мрежи: