Третото издание на Галичник филм фестивал остави ѕвездена прашина за која уште долго ќе се зборува!

Овој викенд сите патишта водеа кон Галичник. Три дена исполнети со внимателно одбрани филмови од различни жанрови, совршени за сечиј вкус. Токму во стариот амфитеатар на Упија, филмското платно и ѕвезденото небо направија ѕвездена прашина за која уште долго ќе се зборува. Убедлив победник во неколку категории беше оскаровскиот филм „Бело Око“ кој зема награда за најдобар филм, најдобро сценарио и најдобар актер.

Бројната публика и гостите кои допатуваа од различни делови на Македонија, ја направија атмосферата уште побогата, заминувајќи си со широки насмевки, полни срца и нахранети од уметност и забава, со нетрпение на следното издание на Галичник филм фестивал.

По завршувањето на проекциите следеше музичка програма која допринесе за  уште поголемо уживање под богатото соѕвездие на Галичкото небо.

„Среќни и задоволни го завршуваме ова трето издание. Филмската магија го обои Галичник и задоволство беше да се гледа како многубројната публиката на амфитеатарот на Упија ужива во внимателно избраната селекцијата и гласа за својот омилен филм по проекциите. Инспирирани од успешното издание веќе почнуваме да размислуваме за следното,“ изјавија организаторите Јана Пауноска и Марко Црногорски.

Официјалната селекција со 23 краткометражни филмови кои ни дојдоа директно од CannesFilmFestival, Oscars, Sundance, IDFA, TorontoInternationalFilmFestival, LocarnoFilmFestival, беа огромен предизвик за македонската филмска елита која имаше несомнено тешка задача да го одбере најдоброто од најдобрите. Жири -комисијата во состав од Никола Ристановски, Дејан Дуковски и Елеонора Венинова ги обзнанија победниците и дадоа краток коментар за секој од нив:

Најдобар Игран Филм – „Бело Око“ – Маестално третирање на приказната со комплексна едноставност, со елементи на „Злосторство и казна“ каде што главниот протагонист се казнува самиот себе со потрагата по правда.

Најдобра Режија – МорадМостава, за филмот, „Што не знаеме за Маријам“ –  Режисерот исклучително уверливо и сирово ја прикажува реалноста на една жена во една патријархална средина притоа користејќи визуелни средства и одлична актерска игра.

Најдобро Сценарио – ТомерШушан , за филмот „Бело Око“ – Маестрално напишано, авторот нè води низ приказната со умешни драматуршки средства што неможат да ве остават рамнодушни.

Најдобра Фотографија – Мостафа Ел Кашел, за филмот „Што не знаеме за Маријам“  – Во неверојатна симбиоза меѓу режисерскиот израз и фотографијата во ефективното третирање на приказната.

Најдобар Актер – Даниел Гад иДавитТеклеаб за филмот „Бело Око“  – Уверлива партнерска игра меѓу двајцата актери кои низ заедничкиот однос ја доловуваат трагедијата на нивната ситуација во еден нефункционален систем.

Најдобра Актерка – Рита Абела за филмот „Голема“ – За исклучителната актерска игра која што плени со својата едноставност, автентичност и суптилност.

Најдобар Документарен Филм – „Кино Мортус“ – Шармантен приказ на една горлива тема на филмските работиници, а тоа е бавното изумирање на киното кој што младата авторка на навистина интересен и интересен и умешен начин го доловува користејќи и архивски снимки и снимени интервјуа.

Најдобар Анимиран Филм – филмот „Хромозомот Х“ -На еден интензивен начин користејќи моќни и визуелни и музички и сценаристички изразни средства навистина остава огромен впечаток. Филмот „Незадоволството“ – Преку суптилниот приказ на една навистина тажна приказна создава една неверојатна емпатија со ликовите.

Специјално Признание за филмот „Голема“ на Даниеле Пини – Специјално признание за автентичниот израз суптилноста за која што режисерката раскажува една емотивна приказна, употребувајќи минималистички наративни средства.

Награда од публика – за филмот „Богатство“

Фестивалот е поддржан од Агенција за филм на Република Северна Македонија, а го реализираат ДАРМА ФИЛМ и МЗ Галичник. Програмата на Галичник Филм Фестивал е бесплатна.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.