Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, вели дека последната и претпоследна сезона на откуп на тутун се меѓу најуспешните досега.
Во интервју за емисијата „Аграр“, Трипуновски нагласува дека просечната цена за купување е околу 420 денари.
„Порано сцената беше трактори на пат, незадоволство и откупни цени многу пониски од денес. Денес имаме откуп на тутун каде што, согласно квалитетот, се оди во прва класа без попусти. Просечната цена на досега откупени 21 милион килограми тутун е 419,84 денари“, нагласи министерот Трипуновски.
Тој потсети дека во текот на оваа година, производителите на тутун имаа корист и од зелениот дизел како стимулативна и компензаторна мерка за трошоците за производство. Програмата вклучуваше и мерка за површина, од 6.000 денари по хектар, што претставува дополнителен стимул, односно дополнителен приход за производителите на тутун.
„Кога сè ќе се сумира, стигнуваме до износ од над 500 денари за килограм, што минатата година претставуваше рекордно достигнување“, нагласи министерот.
Министерот Трипуновски нагласи дека го следи гласот на производителите на тутун и дека тие се задоволни, но најави и дополнителни чекори за подобрување на секторот.
„По празниците ќе се работи на дополнително разјаснување на некои законски одредби во Законот за тутун и тутунски производи, со цел да се отстранат недостатоците што ги забележавме во изминатиот период“, предупреди тој.
Министерот додаде дека ќе се формира работна група, во која ќе учествуваат претставници од Здружението на производители на тутун и откупувачи, со цел следната откупна сезона да биде уште порегулирана и поуспешна.
The post Трипуновски: Минатата сезона на откуп на тутун беше меѓу најуспешните appeared first on Во Центар.



