Додека во Женева се одвива нова рунда нуклеарни преговори, Иран им нуди на САД низа отстапки, вклучувајќи пауза во збогатувањето на ураниум и потенцијални бизнис зделки. Сепак, Техеран го отфрла клучното барање на Доналд Трамп, целосно демонтирање на неговата нуклеарна програма.
Како што објави „Волстрит џурнал“, иранските дипломати презентираа предлог што вклучува тригодишна пауза во збогатувањето на ураниум, испраќање на дел од залихите збогатен материјал во странство (веројатно во Русија) и отворање на вратата за идни американско-ирански деловни договори доколку се укинат санкциите.
Сепак, јазот меѓу двете страни останува огромен. Вашингтон бара целосно запирање на збогатувањето и ограничување на ракетната програма на Иран, додека Техеран бара значително олеснување на санкциите, вклучително и пристап до замрзнатите средства од продажбата на нафта.
Додека иранските власти сигнализираат подготвеност за компромис „на маргините“ на својата нуклеарна програма, Техеран истовремено испраќа силни пораки преку воени маневри. Иранската револуционерна гарда (ИРГК) спроведува вежби на влезот во стратешки важниот Ормутски теснец, низ кој минува една петтина од светската нафта.
Што всушност нуди Иран?
Западните дипломати со скептицизам го гледаат предлогот за тригодишна пауза во збогатувањето на ураниум. Имено, се верува дека Иран веќе го прекинал збогатувањето откако американските и израелските напади во јуни минатата година ги осакатија нивните главни нуклеарни постројки. Затоа, ова ветување не ја менува многу ситуацијата на терен.
Сепак, заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Хамид Ганбари, се обидува да го привлече вниманието на Трамп со економски понуди.
„Во тековните преговори, заедничките интереси во областите на нафта и гас, инвестициите во рударството, па дури и купувањето авиони се вклучени во преговарачката рамка“, рече Ганбари, нагласувајќи дека е клучно за одржливоста на договорот САД да имаат и економска корист.
Малку е веројатно дека овие предлози ќе бидат доволни за да ја убедат Белата куќа. Американскиот државен секретар Марко Рубио постави пошироки цели што вклучуваат ограничување на балистичката програма на Иран и поддршка за регионалните милиции како што се Хезболах и Хамас.
„Се чини дека она што му се нуди на Иран е слично на она со Венецуела: „Предадете се и нема да ве нападнеме.“ Иако тоа може да биде правилниот пристап, на Иран ќе му биде тешко да го прифати и да го нарече договор“, рече Ричард Нефју, поранешен преговарач со Иран за време на администрациите на Обама и Бајден.
Израел, исто така, врши притисок. Премиерот Бенјамин Нетанјаху, кој се сретна со Трамп минатата недела, јасно стави до знаење дека добар договор бара демонтирање на нуклеарната инфраструктура на Иран.
Очекувањата во Вашингтон не се големи. „Никој никогаш не успеал да склучи успешен договор со Иран“, рече Рубио во неделата. „Но, ние ќе се обидеме.“
The post Ураниумот би можел да оди во Русија: Иран има нови предлози на маса за Трамп, но не она што тој најмногу го сака appeared first on Во Центар.



