петок, 13 ноември 2026
Најново

Утре истекува рокот за поднесување барање за амнестија

Претпочитан извор Додај го Пулс24 во твоите извори на Google Додај

Според последните информации од Кривичниот суд дванаесетмина од обвинетите за 27-ми април веќе ја искористиле можноста предвидена со Законот за амнестија. Законот предвидува дека амнестија може да добијат лицата кои не биле организатори или нарачатели на упадот во Собранието и на 27-ми април не извршиле насилство. Од вкупниот број на обвинети 31 лице се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок, а двајца за поттикнување.
Од судот информираат дека до претпладнево до нив  пристигнале 12 барања. Амнестија веќе побарале пратеникот Крсто Муковски, Александар Василевски – Нинџа, Никола Митревски – Кољо, Горанче Ангеловски, Иван Цветановски, Младен Додевски и Оливер Радулов.
Пратеникот Љубен Арнаудов во телефонски разговор потврдил дека ќе поднесе барање, а Јохан Тарчуловски и Сашо Василевски ќе одлучат како ќе делуваат по консултација со адвокатите. Барања за амнестија се очекува и од водачите на протестите „За заедничка Македонија“, Игор Дурловски, Богдан Илиевски, Владо Јовановски и Борис Дамовски. Нивните адвокати се убедени дека имаат право на амнестија. По истекот на рокот за поднесување барања, Судот и Јавното обвинителство ќе одлучуваат кој ќе биде амнестиран. Двете институции имаат рок од пет дена да ги разгледаат барањата и да одлучат по нив.
Од Јавното обвинителство објаснуваат дека доколку судот на лицето кое поднело барање му одговори веднаш, значи дека не ги исполнува законските услови и не му е одобрено барањето и за него ќе продолжи судскиот процес. Доколку барателот не добие одговор веднаш, тоа значи дека доказите за него се разгледуваат и во законски предвидениот рок ќе биде донесена одлука.

 

 

Поврзани вести