Утре протест на ССМ за поголеми плати, се приклучува и ССНМ

Сојузот на синдикати на Македонија утре организира протест за зголемување на сите плати за 100 евра и зголемување на минималната плата на најмалку 600 евра. Поддршка добиваат и од други синдикати, а според информации на ССМ, и работници незадоволни од својата плата од другите градови се самоорганизираат утре да присуствуваат на протестот.
Поддршка денеска ССМ доби од Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници од каде велат дека аргументите за оваа одлука се повеќе од видливи особено во медиумската сфера која во последните години доживува континуиран пад во висината на приходите и условите за работа.
– Според анкетата на ССНМ и Институтот РЕСИС, објавена во 2024 година, повеќе од половина од членовите на медиумската заедница заработуваат помалку од просечната плата во земјата, а последните податоци говорат и дека е голема бројката (безмалку една третина) на новинари, камермани, креативни дизајнери, монтажери и други, кои од работодавачите се држат на минимална плата, посочува ССНМ.
Од ССМ денеска со последен повик до работниците – 28 јануари е денот кога работниците зборуваат, колку гласно ќе зборуваат, зависи од вас.
– Овој протест е за вашите плати затоа што тие не стигнуваат од први до први. Утре вашето присуство на улица ќе зборува погласно од секоја дискусија што сте ја воделе во семејствата или на вашите работни места. Не треба на никој да му се плашите затоа што не му должите никому ништо. Ве повикувам сите – синдикалци, работници и пензионери да ни се приклучите зата што само во јануари сте посиромашни за илјада денари. Дргуите не бројат и ако не дојдете, им давате огромна поддршка да не ви ја зголемат платата, порача Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.
Владата со став – секој има право да протестира, минималната плата ќе се зголеми во март кога е законското усогласување. Согласно ова законско усогласување, минималната плата треба да се зголеми за отприлика 1.500 до 1.700 денари.
– Минималната плата ќе биде зголемена во март согласно законот, односно платите што ќе ги добијат работниците во април ќе бидат зголемени, изјави денес премиерот Христијан Мицкоски.

Пронајдете не на следниве мрежи: