четврток, 12 ноември 2026
Најново

Утре седница на комисијата за надзор на работата на АНБ

Претпочитан извор Додај го Пулс24 во твоите извори на Google Додај

  Собраниската комисија за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање утре во 10 часот ќе одржи седница на чиј дневен ред е Предлогот за заклучок за вршење на надзор над работата на АНБ. Според договореното, со неа треба да претседава претседателот на Комисијата Скендер Реџепи.
Истиот ден, по седницата, оние членови на Комисијата кои имаат безбедносни сертификати, ќе одат во надзорна посета на АНБ.
Седницата на Комисијата беше свикана на предлог на пратеникот Љупчо Пренџов откако во јавноста излезе информација дека АНБ во периодот од 2019 до 2024 година го прислушувала премиерот Христијан Мицкоски, тогашен опозициски лидер, како и новинари и бизнисмени.
Директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски во изјава за медиумите рече дека целата документација е испратена во Обвинителството, а премиерот Христијан Мицкоски неколкупати досега изјавуваше дека очекува Обвинителството да постапи.
Од опозицијата бараат декласификација на документацијата, а на прес-конференции, како што најавија, ќе ја објавуваат вистината за случајот АНБ.
Премиерот Мицкоски вчера во неговиот говор на централната прослава по повод Денот на независноста рече дека не е прашање дали ќе се декласифицираат матеијалите, туку вистинското прашање е како да се спречат злоупотребите. Според Мицкоски, мора да има одговорност.

Поврзани вести