На традиционалниот божиќен ручек во Маранело, челниците на Ферари истакнаа дека се оптимисти во врска со претстојната сезона во Формула 1 и не ја кријат својата надеж дека 2026 година ќе биде годината кога Ферари ќе се врати на врвот.
Нови, револуционерни правила во Формула 1 важат од следната година, а техничкиот директор на Ферари, Лоик Сера, беше претпазлив кога зборуваше за новата сезона.
„Не знаеме каде се нашите ривали во моментов и ќе дознаеме дури за време на првите тестови следната година“, рече Сера.
Сепак, шефот на тимот, Фред Васер, е исклучително оптимист и верува дека во 2026 година, милиони фанови на италијанскиот тим ќе бидат среќни.
„Кој и да ја добие првата трка во Мелбурн, не мора да значи дека ќе го има победничкиот автомобил на годината. Што се однесува до нас, ние сме подготвени. Ги знаеме областите каде што треба да работиме подобро отколку оваа година, но исто така знаеме каде бевме силни, како што се добрите застанувања во боксот, стратегијата, сигурноста на моторот…“ рече Васер.
Ферари ќе го претстави новиот автомобил на 23 јануари, пред тестирањето во Барселона.
Новата сезона во Формула 1 започнува со Големата награда на Австралија на 8 март, а Ферари се надева дека ќе има светски шампион за прв пат од 2007 година.
The post Ферари се надева дека ќе се врати на врвот на Формула 1 во 2026 година: „Подготвени сме!“ appeared first on Во Центар.



