Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, остро реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, оценувајќи дека единствениот „булинг“ врз македонските граѓани го вршат ВМРО-ДПМНЕ и актуелната власт.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара веќе две години, Мицкоски нуди изолација и анти-ЕУ кампања. Над 70 проценти од граѓаните сакаат членство во ЕУ, а тој зборува за ‘булинг’ и ‘прва и втора лига’“, наведува Филипче во реакцијата.
Според него, проблемот не лежи во односот на Европската Унија кон државата, туку во неисполнетите обврски во делот на владеењето на правото, слободата на медиумите и борбата против корупцијата. Тој обвини дека власта создава конфликти со соседите и на критиките од Брисел одговара со напади врз Унијата.
Филипче ја поврза актуелната состојба и со, како што рече, застојот во евроинтеграциите, случајот со пет тони дрога кои, според него, излегле преку македонската граница, како и состојбите во судството, обвинителството и медиумската сфера.
Во соопштението се посочува дека Европа дала јасна перспектива до 2027 година заедно со земјите од регионот, нагласувајќи дека Црна Гора и Албанија напредуваат, додека Македонија, според Филипче, стагнира.
„Мицкоски и ВМРО не сакаат ЕУ, сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност, тоа е криминална вредност“, се наведува во реакцијата, во која се заклучува дека вистинскиот притисок врз граѓаните, според СДСМ, доаѓа од актуелната власт.


