Филипче: Европските интеграции се единствениот пат напред, реформите мора да почнат веднаш

Жалам што изминативе година и пол разговараме за реформи, а ништо суштински не се случува. Практично тапкаме во место, го губиме времето, а младите се повеќе се селат од земјава, истакна претседателот на Комисијата за европски интеграции, Венко Филипче на денешниот настан во Собранието организиран од Националната конвенција за ЕУ.
Тој упати остри критики за застојот во реформскиот процес и предупреди дека Македонија ризикува да остане изолирана ако не се забрзаат преговорите со Европската унија.
Според Филипче единствениот пат напред за земјата се европските интеграции, посочувајќи го примерот на Полска, која благодарение на процесот на евроинтеграции постигнала огромен економски раст.
Филипче предупреди дека Македонија го добила најлошиот извештај на Европската комисија во последната деценија и дека, дури и со уставни измени, земјата нема да може да ги започне преговорите без исполнување на клучните патокази за владеење на правото, демократски институции и јавна администрација.
-Ако вака продолжиме, не сум сигурен дека ЕУ нема повторно да не врати на ниво на скрининг, рече тој, додавајќи дека нема оправдување за неспроведување на реформите во правосудството, образованието и економијата.
Филипче потсети дека Европската унија има јасна волја за проширување, а Албанија и Црна Гора веќе напредуваат кон членство.
-Ако тие станат членки во 2027 или 2028 година, а ние останеме како „слепо црево“ на Балканот, никој нема да има оправдување, заклучи Филипче.

Пронајдете не на следниве мрежи: