Обраќање на претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче по повод 8 Септември, Денот на независноста„Државата не е ничија сопственост. Не е сопственост на партиите, ниту на владата. Државата е на граѓаните. Таа е нашиот дом. За нашиот дом мора да се бориме сите.“Ова е пораката на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во видео-обраќањето по повод 8 Септември, Денот на независноста.Филипче потсети дека пред 34 години, граѓаните со храброст и одговорност ја донесоа една од најважните одлуки во историјата на Македонија – одлуката да живееме во своја, независна држава. Таа независност не беше подарок, туку резултат на визија, мудрост и истрајност.„Македонија е на тие што се борат со животот секој ден, на тие што се грижат за своите блиски, што работат, што плаќаат даноци, што не бараат привилегии. Македонија е и на тие што останаа овде, и на тие што заминаа, ама не заборавија.“Во своето обраќање, Филипче предупреди дека денес државата е повторно пред закана – не од оружје, туку од корупцијата, неправдата, дискриминацијата и сиромаштијата. Тој укажа дека оваа власт ја претвора државата во сопственост на малкумина, а ја оддалечува од граѓаните.„Сакам да ѝ порачам на власта – ова е земја на сите, за сите. Не е само ваша.“Според него, патриотизам денес не значи само да се вее знаме, туку да се обезбеди фер судство, еднакви шанси за сите, поддршка за послабите, чист воздух за сите граѓани и отчетност во трошењето на јавните ресурси.„Патриотизам е да се бориш за чист воздух, а не да палиш депонии. Патриотизам е да помагаш на послабите, а не да трошиш од државните ресурси за себе. Патриотизам е да си го средиме сопствениот двор, сопствениот дом, да се грижиме за заедничкото – оти заедничкото е и ваше и наше, и твое и мое.“Претседателот на СДСМ подвлече дека социјалдемократската идеја била и останала двигател на најважните државни одлуки и историски моменти: Во 1991 и 2001, СДСМ ја сочува државата од војна, ги изгради институциите од нула, ја зголеми минималната плата од 9.000 на 25.000 денари, го зајакна социјалниот систем и вложуваше во граѓаните и го донесе членството во НАТО.„Сè што имаме – институции, плати, социјална помош, НАТО – не ни беше подарено. Сè е изборено, со многу мака и отпор.“Во финалниот дел од обраќањето, Венко Филипче ја упати пораката што СДСМ ќе ја носи и во наредниот период – повик за нова, обединета борба:„Ако 1991 се изборивме за независност, сега треба да се избориме за иднина.“Филипче потсети дека патот кон Европската Унија не е само геополитички избор, туку обврска кон граѓаните кои сакаат стабилност, правна држава, повисоки стандарди и модерна економија.„Денес сме на чекор од Европа. Тој чекор мора да го направиме сами, но заедно и обединето. Бидејќи јас верувам дека сите на крајот го сакаме истото – сигурна иднина на оваа држава и на нашите деца.“ – заврши Филипче.
Пронајдете не на следниве мрежи:



