На вечерашната граѓанска трибина организирана од СДСМ во Радовиш под слоганот „Се бориме за нашиот дом“, претседателот на партијата, Венко Филипче, упати жестоки критики на сметка на власта на ВМРО-ДПМНЕ, велејќи дека по нивното доаѓање на власт, животот на граѓаните станал тежок и неприспособлив на актуелните економски услови.
Тој кажа дека во само една и пол година владеење на ВМРО-ДПМНЕ, основните животни потреби станале луксуз иако било ветувана брозорастечка економија, повисоки плати, пензии, субвенции и скандинавски стандард.
„Не знам дали оваа власт знае што значи скандинавска држава или пак само така убаво им звучи. Еве да им кажам-луѓето што живеат во скандинавските земји имаат висок животен стандард, функционални и непартизирани институции, врвно квалитетно образование и здравство, квалитетна инфраструктура, имаат доверба во правосудниот систем. Да заклучам, живеат во држави што се грижат за нив, а тоа им прави да имаат предвидлива и сигурна иднина“, кажа Филипче.
Дополнително, вели, дека доколку се живеело добро како што сакаат да прикажат премиерот Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, тогаш би можело да се преживее со минимална плата од 400 евра и цени кои дивеат, но за жал, реалноста е сосема поинаква, оти граѓаните можат да живеат до десетиот ден од месецот, а потоа, преживуваат.
„Храната е луксуз, минималната плата е луксуз, чистиот воздух и справувањето со отпадот се луксуз, правдата е луксуз, достоинствениот живот е луксуз. Но, задолжувањето од 1,8 милијарди евра во првите 13 месеци е рекордно и нема никакви видливи ефекти врз развојот на државата“, кажа тој.
Филипче рече и дека откако на власта не им успеале така наречените „кошнички“, кои се покажале како чист пи-ар, Владата на ВМРО-ДПМНЕ се свела само на спинови и манипулации.
„Реалните податоци покажуваат инфлација од 4 отсто, а власта со спин се обидува да објасни минус 0,2 отсто, споредено месец со месец. Вистината е дека храната е поскапа за 6,3 отсто, а цените во ресторани и хотели се зголемени за над 8 отсто. Колку и да манипулираат, граѓаните гледаат и чувствуваат. Тие знаат колку можеле да купат со истите пари пред една година и колку сега. Ќесата од маркет е се попразна, се бира што да се купи. Премиерот треба да разбере дека граѓаните не можат да живеат од неговите спинови, туку од она што им останува во паричникот“, заклучи претседателот на СДСМ.


