Филип Рикер ќе го замени Вес Мичел, кој даде оставка

Филип Рикер, 54-годишниот амбасадор на САД во Македонија од 2008 до 2011, е новиот помошник-државен секретар на САД за Европа и Евроазија, објави грчки „Катимерини“. Рикер ќе го замени Вес Мичел кој даде оставка, а на функцијата ќе стапи следниот месец. Рикер досега беше на функција во Европската команда на САД (ЕУКОМ) во Штутгард, каде е од 2017.
Пред да биде назначен за амбасадор од администрацијата на Џорџ Буш, во Македонија од 1997-99 беше во одделот за односи со јавноста на амбасадата на САД во Скопје. Од 2011 до 2013 беше заменик-помошник на државниот секретар, одговорен за европските прашања.
Вес Мичел поднесе оставка пред неколку месеци, а беше особено ангажиран околу склучувањето на Преспанскиот договор и разрешувањето на кризата во Македонија. Портфолиото на Мичел во Стејт департментот го вклучуваше и справување со Русија, што е особено чувствително прашање, со оглед на тековните истраги за тоа дали кампањата на претседателот Доналд Трамп соработувала со Москва за време на претседателската кампања во 2016 година.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.