Министерот за правда бара преиспитување на одлуката што ја донесе Обвинителството за организиран криминал и корупција за стопирање на истрагата за набавката на мазут за ТЕЦ Неготино за време на енергетската криза.
Филков во објава на Фејсбук оценува дека одлуката за стопирање на истрагата за набавката на мазут е уште еден удар врз довербата на граѓаните во правосудниот систем.
– Како министер за правда, сметам дека оваа одлука мора итно да биде преиспитана. Очекувам целосна транспарентност од ОЈО ГОКК и јасни одговори врз основа на кои факти и аргументи е донесена ваквата одлука. Истовремено, и пред Советот на јавните обвинители да излезе со одговор дека „будно ја следи состојбата“, добро е да се знае дека ваквите одлуки директно ја рушат довербата на граѓаните во правосудниот систем, пишува Филков.
Денеска со реакција се јави и премиерот Христијан Мицкоски кој рече дека е шокиран од ваквата одлука и очекува таа да биде преиспитана.
– Со неверување ја слушнав таа вест. Бев шокиран од тоа што го слушнав. Добро е што АД ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ, кога ќе ја добие одлуката ќе вложи жалба. И очекувам дека случајот ќе биде вратен на преразгледување и повторна анализа. Затоа што ако тоа не се случи, Обвинителството за гонење на организиран криминал дефинитивно го губи својот кредибилитет, изјави Мицкоски.
Мицкоски рече дека се слушнал и со државниот јавен обвинител Ненад Савески што наиде потоа на осуда од страна на опизициската СДСМ која побара оставка од Савески, а тој излезе со дообјаснување на целиот случај.
– Јавниот обвинител на РСМ не може да спречи некого да му се јави телефонски. Вчера за првпат воопшто телефонски му се јави Претседателот на Владата на РСМ, но во разговорот во ниту еден момент не стана збор за детали од конкретен предмет, вклучително и за предметот за кој покажувате интерес. На прашање на Претседателот на Владата, во разговорот му беше кажано истото она што вчера беше јавно објавено од обвинителството во медиумите – дека предметот не е рефериран во републичкото обвинителство и дека државниот јавен обвинител за одлуката дозна по нејзиното донесување, велат од Државното обвинителство.
За целиот случај, од ВМРО-ДПМНЕ го обвинуваат шефот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Абази од кого денеска побараа и оставка.
Абази, пак, вчера на брифинг со новинарите демантираше дека извршил какво и да било влијание врз одлуката на обвинителите.
Во случајот со набавката на мазутот за ТЕЦ Неготино беа обвинети 13-тина лица меѓу кои и бизнисменот Ратко Капушевски и синот на сопственикот на Пуцко петрол.
The post Филков бара преиспитување на одлуката за мазутот, премиерот е изненаден од одлуката appeared first on Provereno.
Пронајдете не на следниве мрежи:



