Скопје, 29 април 2025 – По повод Светскиот ден на интелектуалната сопственост, кој се одбележува на 26 април, Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТСМ) и Американската стопанска комора во Македонија (АмЧам) организираа Форум посветен на интелектуалната сопственост. Овој настан се одржа во петокот, во едукативниот центар на Халкбанк, а на него учествуваа експерти и практичари од областа на интелектуалната сопственост, како и членови и партнери на двете организации, дополнети со претставници од релевантни институции и граѓански организации. Форумот овозможи простор за отворена и плодотворна јавна расправа околу вредноста, предизвиците и можностите поврзани со интелектуалната сопственост во дигиталниот свет, а исто така поттикна конкретни чекори за подобрување на заштитата на интелектуалната сопственост во нашата земја.
Форумот беше започнат со поздравни зборови од Јелена Арсовска, извршен директор на Американската стопанска комора во Македонија, и Виктор Стојкоски, генерален секретар на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, по што следеше панел дискусија и работа во различни работни групи. Преку панел дискусијата „Вредноста на интелектуалната сопственост“ и работните групи, беа разгледувани прашања за правната основа за заштита на правата на интелектуална сопственост, постоечките и можните методи на соработка за заштита на овие права, емитувањето на авторските содржини во дигиталниот простор, сивата економија во е-трговијата, како и правата на интелектуална сопственост при онлајн купувањето и нејзината улога во одржливиот развој на бизнисите.
Дискусиите во работните групи беа фокусирани на актуелната состојба, предизвиците и можните решенија во избраните области. Преку овие дискусии беше заклучено дека е неопходно да се иницираат законски измени и да се подобри регулативата, подобрување на соработката и координацијата помеѓу институциите, понатамошно развивање на институционалните капацитети, спроведување на континуирана едукација на граѓаните, бизнисите и институциите, како и зголемување на јавната свест за негативните последици од нарушување на правата на интелектуална сопственост. Учесниците нагласија дека интелектуалната сопственост е област на која треба постојано и заеднички да се работи и изразија подготвеност за соработка на идни иницијативи на оваа тема.
На основа на искуствата и препораките од овој форум, АЕТСМ и АмЧам, во координација со соодветните институции и организации, во идниот период ќе спроведуваат активности насочени кон надминување на предизвиците кои ги соочуваат различните актери во системот за заштита на интелектуалната сопственост, како и во намалувањето на сивата економија поврзана со нарушената интелектуална сопственост во областа на е-трговијата.
The post Форум за интелектуална сопственост организиран од АЕТСМ и АмЧам appeared first on 365.mk.


