Франција останува против датум за преговори

Француски дипломатски извори вчера во Брисел информирале дека Париз останува против отворањето на преговори со Македонија и со Албанија. Француските власти сметаат дека двете земји не се подготвени за преговори за членство во Европската Унија, но и дека ЕУ мора да
спроведе внатрешни реформи и дека затоа одлуката ќе треба да се одложи за 2020 година, јави новинската агенција Ројтерс.
Париз вели дека ЕУ се соочува со премногу предизвици за да им дозволи влез на уште две држави од Балканот, регион кој се уште влече траги од војните во 1990ите години и се мачи со криминал и корупција. Франција вели дека е потребно првин ЕУ да се реформира од внатре, за да може да покаже повеќе единство и да се соочи со прашањата како што се климатските промени и миграцијата, а двете кандидатки би требало да спроведат дополнителни реформи пред да се одобри датум за преговори. „Се уште не се спремни. Бараме од нив да вложат дополнителни напори. Преговорите не може да почнат во октомври 2019 година, ќе мора да ја преиспитаме состојбата некаде во 2020“, изјавил за Ројтерс француски дипломатски извор.


Другите држави, јави Ројтерс, посочиле на опасноста од ширење на влијанието на земји како Русија, Турција и Кина на Балканот доколку ЕУ остави празен простор во регионот, но не успеале да ја убедат Франција, иако остануваат само денови до почетокот на Европскиот Совет.
Ова е многу фрустрирачко за повеќето земји членки. Нашиот углед е загрозен. „Северна“ Македонија и Албанија направија многу. Точно, останува уште да се стори, но отворањето на преговорите е само прв чекор, процесот ќе трае со години, и ќе мора да исполнат многу услови
пред да ги примиме, изјави за Ројтерс претставник на една од членките на ЕУ кои пак се залагаат за отворање на пристапните преговори.
Според агенцијата, Данска и Холандија биле категорично против преговори за Албанија, но Холандија била отворена за преговори со Македонија, доколку се донесе закон за јавните обвинители, со што само Франција би останала пречка за македонските преговори. Сепак, пречка може да биде и желбата на повеќе европски држави да не се растури групата меѓу Македонија и Албанија, и двете земји да ги почнат преговорите одеднаш.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.