Канцеларијата на парискиот обвинител започна истрага за сомнителната кражба на ураниум во Нигер од наоѓалишта со кои претходно управуваше француската рударска компанија „Орано“. Се сомнева дека целта е продажба на ураниум на Русија, а се стравува дека би можел да падне во рацете на Ал Каеда.
Истрагата наведува дека украдениот ураниум вреден околу 160 милиони евра би можел да биде транспортиран во Русија, објави во петокот порталот „ФрансИнфо“.
Проверките поради сомнение за организирана кражба во корист на странска сила започнаа по исчезнувањето на 1.000 тони ураниум од наоѓалиштето во Арлит, на север од Нигер. Со овие наоѓалишта претходно управуваше француската компанија Орано.
Истрагата започна во август. Со оглед на чувствителноста на случајот, вклучена е и Генералната дирекција за внатрешна безбедност (DGSI), која се занимава, меѓу другото, со ризиците од странско мешање и заштитата на економското наследство на Франција.
Компанијата „Орано“ беше национализирана од воената хунта која ја презеде власта во Нигер во јули 2023 година. Самите локации беа национализирани во јуни во име на „легитимното право на земјата да го користи своето богатство“, рече лидерот на хунтата, генерал Абдурахамане Тиани.
Потоа воениот режим објави дека ураниумот ќе биде пласиран на меѓународните пазари. „Само Русија е заинтересирана“ и „само Русија може да го експлоатира“, изјавил за ФрансИнфо извор запознаен со случајот.
Групацијата „Орано“, како важен актер во областа на циклусот на нуклеарно гориво, потсети дека врз основа на меѓународната арбитражна одлука од септември, Нигер нема право да го продава или транспортира овој ураниум.
Според информациите од „ФрансИнфо“, откако бил транспортиран со камион под заштита на армијата, ураниумот бил складиран во главниот град на Нигер, Нијамеј, од каде што можел да се транспортира преку Буркина Фасо до Того. Ова сценарио ги загрижува експертите за тој регион, бидејќи некои делови се под контрола на исламистичката мрежа Ал Каеда.
The post Французите алармираат: Илјада тони ураниум недостасуваат во Африка, расте стравот дека ќе падне во рацете на терористи appeared first on Во Центар.



