Тахир ал-Ноно, висок функционер на Хамас, изјави дека групата е подготвена да ги ослободи сите заложници што ги држи, мртви и живи, но само по завршувањето на војната во Газа и повлекувањето на израелските сили.„Присуството на затворениците е привремено до крајот на војната и достоинствена размена. Подготвени сме да ги ослободиме сите, но тоа мора да биде дел од сеопфатен договор за завршување на војната“, изјави ал-Ноно за катарскиот канал Ал-Араби.Тој додаде дека меѓу заложниците има и такви што починале и дека е потребна специјална опрема за извлекување на нивните тела.Зборувајќи за најновиот план на САД за прекин на конфликтот, ал-Ноно истакна дека Хамас сè уште официјално не го добил документот, ниту учествувал во преговорите.„Откако ќе го добиеме планот и раководството ќе го проучи, ќе го објавиме нашиот став“, рече тој.Ал-Ноно нагласи дека Хамас поддржува формирање на технократска влада која би управувала и со Газа и со Западниот Брег, во соработка со Палестинската самоуправа.Тој, исто така, го повтори ставот на движењето дека одбива разоружување.„Вооружениот отпор е право на палестинскиот народ сè додека постои окупација. Кога ќе се воспостави палестинска држава, оружјето повеќе нема да биде потребно“, заклучи тој.
Хамас одбива да се разоружа додека не се воспостави палестинска држава: „Отпорот е наше право“






