Воздушниот сообраќај во Соединетите Американски Држави е претежно вратен во нормала откако повеќе од 18.000 летови беа откажани во текот на три дена, што е најдолгото прекинување на воздушниот сообраќај во последните 25 години.
Имено, прекинот на воздушниот сообраќај во САД започна во петокот, за кој се сомнева дека е предизвикан од рутер инсталиран за време на редовното одржување на системот.
Министерот за транспорт на САД, Шон Дафи, процени дека економските последици од прекинот, кој одложи речиси 28.000 летови , ќе изнесуваат милијарди долари, пренесува Ројтерс.
До 13:30 часот по источно време во понеделник, 330 летови беа откажани, а околу 3.000 одложени, според FlightAware, што е значителен пад во однос на неделата, кога повеќе од 2.300 беа откажани, а околу 11.000 беа одложени.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е неопходно финансирање за модернизација на системот за контрола на воздушниот сообраќај, оценувајќи дека станува збор за застарена опрема која претрпе сериозен дефект.
Дафи го зголеми барањето за финансирање за контрола на воздушниот сообраќај и аеродромите од 30 милијарди долари на 50 милијарди долари.
Федералната администрација за воздухопловство на САД (FAA) сè уште користи застарена опрема, вклучувајќи компјутери Compaq, флопи дискови, 25-годишни рутери и хартиени ленти за следење на авиони.
Републиканскиот сенатор Ерик Шмит оцени дека инвестицијата во системот требало да се спроведе одамна, нагласувајќи дека тоа е проблем што се акумулира со децении.
Демократите во Конгресот, сепак, го критикуваат Министерството за транспорт бидејќи, како што велат, од првично одобрените 12,5 милијарди долари за контрола на воздушниот сообраќај се потрошени само 1 милијарда долари.
Министерството одговори дека плановите за користење на поголемиот дел од средствата се финализирани и дека се потребни дополнителни инвестиции во модернизација на телекомуникациската инфраструктура.
Демократите, исто така, бараат сослушување за да се утврди што го предизвика прекинот на комуникациите што речиси го запре воздушниот сообраќај во САД повеќе од четири часа во петокот.
Дафи и републиканците се залагаат за брзо одобрување на дополнително финансирање пред крајот на тековната сесија на Конгресот.
Според проценките на брокерската куќа Бернштајн, четирите најголеми американски авиокомпании би можеле да забележат вкупна загуба на приходи од околу 345 милиони долари поради прекинот на сообраќајот.





