Шахпаска: Недела треба да биде неработен ден, но виталните функции на државата не смее да се ограничат

Економско-социјалниот совет на денешната седница, со која претседаваше министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, дискутира за нацрт-верзијата на измените на Законот за работните односи, кои предвидуваат недела да биде неработен. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи го подготви Министерството за труд и социјална политика по што следуваше интензивна дебата со работниците, но и со работодавците.
„Дебатата што се одвиваше изминатиот период навистина беше опсежна и дава значаен придонес во подготовката на конечното законско решение, преку кое ќе се овозможи недела да биде неработен ден. Идејата на Владата и на Министерството за труд и социјална политика е да создадат услови повеќето од работниците да може недела како ден да го поминуваат со семејството како основна клетка на едно функционално општество“, нагласи министерката Шахпаска.


Таа нагласи дека законското решение мора да биде конципирано на тој начин за да обезбеди ефикасно функционирање на системот, при што оние работници што работат во дејности што не се неопходни да работат во континуитет во недела да не работат.
„Во центарот на вниманието нам ни се работниците. Но, исклучоци мора да има и затоа сме претпазливи затоа што не смееме виталните функции на државата да ги ограничиме“, објасни министерката Шахпаска.
Претставниците на работодавците и на работниците ги изнесоа своите ставови за законското решение, за кое, како што нагласија, добро е што има широка општествена дебата.
На седницата на ЕСС, иако се членови, не присуствуваа претставниците на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.