Шведска бара нова влада додека десничарското влијание е во голем пораст!

Левичарската коалиција предводена од социјалдемократите на парламентарните избори во Шведска забележа тесна победа над партиите на десниот центар, додека антиимиграциските Шведски демократи остварија значителен пораст во поддршката, покажуваат привремените податоци од Државната изборна комисија.
По преброените гласачки ливчиња во речиси сите 6.004 единици, со 40,6 отсто од гласовите во благо водство се наоѓа владејачката централно-левичарска партија на социјалдемократите на премиерот Стефан Лофвен, и Зелените и нивната парламентарна сојузничка Левичарска партија.
Од друга страна, пак, Сојуз четиричлениот блок на десничарскиот центар, кој се состои од конзервативната Умерена партија, Партијата на центарот, либералите и демохристијаните, кои на местото на премиер го гледаат конзервативниот лидер Улф Кристерсон, моментално освои 40,3 отсто од гласовите, според прелиминарните податоци од Државната изборна комисија.
Со ова на коалицијата на левиот центар во парламентот од 349 пратеници ѝ припаѓаат 144 места, а на Сојузот 142, и со оглед на фактот дека никој го нема потребното мнозинство од 175 места се укажува на неизвесноста во врска со формирањето влада.Националистичките Шведски демократи моментално добија 17,6 отсто од гласовите, значително повеќе од минатите избори, кога имале 12,9 отсто поддршка.Тоа им носи 63 пратенички места, а нивниот лидер Џими Акесон, по објавените привремени резултати порача дека е подготвен да разговара и да соработуваат со сите останати партии, велејќи дека добивката на овие избори сака да ја преточи во реално влијание.„Ќе оствариме огромно влијание врз она што ќе се случува во Шведска за време на следните недели, месеци и години“, рече Акесон, кој својата партија ја прогласи за победник на изборите.Тој се надева дека неговата партија, која се залага за излез од ЕУ и спречување на имиграцијата, може да има одлучувачка улога во преговорите за формирање на влада.Исто така, Акесон на лидерот на коалицијата на десничарскиот центар Кристерсон предизвикувачки му порача да бира помеѓу барањето поддршка од шведските демократи и уште четири години влада на социјалдемократскиот премиер Лофвен.Кристерсон пак по објавувањето на прелиминарните резултати му порача на Лофвен дека е време да се повлече од своите позиции, додека истовремено ја отфрли можноста за соработка со партијата на Акесон.
„Во текот на целите избори бевме во целост јасни. Сојузот нема да владее или да разговара за тоа како да формира влада со Шведските демократи“, рече Кристерсон.Лофвен изјави дека нема намера да се повлече, притоа повикувајќи ја коалицијата на десничарскиот центар на соработка во блокот за да се најде излез од политичката „слепа улица“.„Ниедна партија нема мнозинство, со оглед на тоа природно е да се надминат политичките поделби, за да може да се управува со Шведска“, рече Лофвен.
На поборниците им порача дека Шведските демократи го „славеле Хитлер и го разгореле огнот на расизмот“, тврдејќи дека умерените партии имаат „морална одговорност“ да формираат влада.Поради стравувањата од имиграцијата, Шведска како една од најлибералните европски држави на овие избори доживеа пресврт на десно.Екстремно десничарските партии во последниве години постигнаа значителен пораст во Европа при се поголемите стравови за сопствениот национален идентитет и ефектите на глобализација по конфликтите на Блискиот Исток и Африка.Така, приливот од 163.000 баратели на азил во 2015 година, највисок во Европа во однос според бројот на население од 10 милиони, ги поларизираше гласачите во Шведска и ги разби политичките консензуси.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.