Германската влада денес објави дека цените на горивата во земјата нема брзо да паднат и покрај двонеделното примирје меѓу Соединетите Американски Држави и Иран, кое вклучува и повторно отворање на Ормутскиот теснец.
Заменик-портпаролот на владата, Себастијан Хиле, изјави дека иако примирјето е добра вест, треба да се биде реален во очекувањата, објави „Виршафтсвое“.
„Сè уште сме далеку од договор, а значителни одложувања се секогаш можни“, рече тој.
Како што изјави тој, повторното отворање на Ормутскиот теснец ќе потрае и нема да доведе до моментално враќање на статус кво пред 28 февруари, кога започнаа нападите на Соединетите Американски Држави и Израел врз Иран.
Според владата во Берлин, откако бродовите повторно ќе поминат низ Ормуз, ќе бидат потребни уште три до шест недели стоката да стигне до Европа и дополнителните количини физички да се појават на пазарот.
Хиле заклучи дека поради ова, не треба да очекуваме значителен пад на цените на горивата во Германија на краток рок.
The post Што ќе се случи со горивото? Германија предупредува: „Цените нема брзо да паднат“ appeared first on Во Центар.



