Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, даде целосна поддршка на заклучоците на Советот за справување со аерозагадувањето и најави итна средба со премиерот и заменик-министерката за животна средина.
Ѓорѓиевски смета дека Цементарница Усје не е единствен проблем, туку дека сите индустриски погони како тие во Железара, фабриките за кабли и одредени отпади мора постепено да се изместат од централното градско подрачје.
Инспекциите веќе изрекле казни од по 53.000 евра за индустриски капацитети со Б-дозвола кои не ги почитувале еколошките стандарди. Тој тврди дека контролите на терен се постојани и одговорни.
Се планира итно проширување на топловодната мрежа за да се опфатат сите згради и куќи во центарот кои се уште не се приклучени, а интензивно се работи и на гасификацијата.
Усвоена е мерка за субвенционирање филтри за оџаци за домаќинствата како директен начин за намалување на емисиите од греењето.
Повеќе од 30 години само се констатира проблемот, но ништо не е помрднато од мртва точка. Време е конечно да изградиме систем кој ќе ги промени работите, порача Ѓорѓиевски.



