Јаневска: МОН ќе им обезбеди ПДФ-формат на училиштата на кои им недостигаат учебници

Министерката за образование и наука Весна Јаневска рече дека за училиштата во кои недостигаат учебници затоа што не ги пријавиле навреме потребните тиражи, МОН ќе им ги обезбеди во ПДФ-формати што ќе бидат ставени на веб-страницата на Педагошката служба

Јаневска додаде дека и овојпат се испорачани онолку учебници колку што пријавиле самите училишта.

„Учебници има, сè што побарале училиштата, сè е испорачано. На Министерството му е сосема сеедно дали ќе отпечати милион или милион и двесте илјади учебници затоа што имаме рамковна спогодба за печатење. Значи, тоа што е побарано е испорачано. Уште еднаш повторувам – до последен учебник кој е побаран од Министерството е обезбеден. Оттука, не прифаќам дека може да се рече дека учебници нема. Дали се во подобра или полоша состојба, тоа зависело од комисијата што ги примала, од директорите, и оттука натаму сметам дека ова прашање треба да биде затворено и во иднина да немаме никакви вакви проблеми, рече Јаневска во одговор на новинарски прашања при посетата на училиштето „Св. Наум Охридски“.

Таа нагласи дека поставени се јасни правила, има јасен и прецизен закон што функционира, упатства и правилник за работа кои „од следната година ќе мора да се почитуваат до последен детаљ“.

Јаневска истакна дека диструбицијата на учебниците е завршена, остануваат уште два учебника за први клас гимназија – еден е спорен, а еден е во процедура.

„Тие ќе бидат дистрибуирани тогаш кога ќе се реши ова. Сите други учебници се дистрибуирани“, додаде Јаневска.

Учениците се уште немаат комплетни учебници и по речиси еден месец од почетокот на новата учебна година и покрај најавата дека учебници ќе има за сите.

Пронајдете не на следниве мрежи: