Режисерот Јани Бојаџи објави дека се откажува снимањето на филмот „Татко“ еден од проектите кои беше одреден да добие финансиска поддршка за 2026, а за тоа ги обвини Министерството за култура и Агенцијата за филм, за кои рече дека водат „комуњарска и северџанска политика“.
„Ја поддржувам во целост одлуката на Дејан како продуцент. Нема да дозволиме да бидеме понижени и обесправени! Нема да бидеме параван зад кој со нашите имиња на вистински уметници и филмски автори Министерството за култура и Агенцијата за филм ќе ги играат нивните комуњарски и северџански игри! Им благодарам на сите соработници кои овие 4 години беа заедно со нас во развојот на овој филм инспириран и посветен на Македонија и мајката земја. Борбата продолжува! Ќе победиме. И без нив“, објави Бојаџи.
Претходно се огласи и продуцентот Дејан Милошевски во име на „Revolution production“ и соопшти дека филмот нема да се снима, како и дека се откажуваат од доделените средства.
„Ја известуваме јавноста дека се откажуваме од реализацијата на долгометражниот игран филм со работен наслов „ТАТКО“, според сценарио и во режија на Јани Бојаџи.
Оваа одлука е донесена по внимателна анализа на условите и околностите во кои требаше да се реализира проектот.
Оваа одлука не е донесена лесно. Напротив, таа е резултат на нашето долгогодишно искуство и настаните со кои се соочуваме во последните години.
Одбиваме да бидеме дел од оваа перфидна игра на Министерството за култура и Агенцијата за филм која нас како уметници не става во понижувачка и недостојна позиција и очекува да бидеме параван за лукративните и антифилмски цели на оваа, според сè што се случува во години наназад, тенденциозна филмска администрација.
Поради тоа, донесовме одлука да се откажеме од проектот „ТАТКО“ и од доделените средства.
Им благодариме на сите соработници, актери, партнери и поддржувачи кои веруваа во овој проект“, објави Милошевски.



