Јовановиќ: Зголемување на платите сега, но без услови за ОКД

Синдикатите не смеат да прифатат никакви договори за наводни зголемувања на минималната плата, а за возврат да се тргнат одредби од Општиот колективен договор. Ако евентуално го прифатат дoговорот, синдикатите ќе си ја исечат гранката на која седат – ќе си ја намалат моќта, без притоа да имаат било каква гаранција дека Владата ќе си стои на зборот за идните покачувања на платата, вели универзитескиот професор Бранимир Јовановиќ во изјава за Проверено.
– Дури и да ги стават тие покачувања во закон сега, тој закон утре може да се смени, и синдикатите ќе останат извисени. Така што, синдикатите не смеат да прифатат никакви дилови за идни божемни покачувања на минималната плата како возврат за тргање на некои други одредби. Мора покачувањата да бидат сега, и не смее да има никакви други услови, предупредува професорот Јовановиќ.
Ова, според Јовановиќ, се прави од две намери. Првата е како што вели народната – раздели, па владеј, односно да се разбие синдикалното единство, да се намали нивната моќ за полесно да може да се манипулира, а втората е да се постават свои синдикати како грански, кои потоа ќе прифаќаат помало зголемување на платите.
– Главната цел му е да го ослабне и преземе синдикалното движење. И затоа мислам дека Сојузот на синдикати и другите поголеми синдикати, не смеат да наседнуваат и мора да останат здружени затоа што само додека се здружени, можат да опстанат, оценува Јовановиќ.
Понудата на премиерот Мицкоски за 40 проценти зголемување на платата на државните службеници, според Јовановиќ, е обид да се ублажи незадоволството кај работниците по протестот што го организираше ССМ, а кој беше масовен и на кој граѓаните недовосмислено ги поддржаа барањата на Синдикатот.
– Зошто не ги кажа овие 40 проценти пред синдикатите да излезат на протест и зошто не ги каже сите детали – како би одело тоа покачување конкретно, кои се останатите услови и сл? Второ, мислам дека тука се крие едно кукавичко јајце, или тројански коњ, односно обид да се разбие единството на синдикатите и да се намали нивната моќ. Пробува да придобие некои синдикати на негова страна, ако на некои им се види понудата примамлива, тие да го прифатат ова божемно етапно зголемување на платата, а за возврат да се откажат од некои одредби од Општиот колективен договор, кој е изворот на моќта на синдикатот моментално, нагласува Јовановиќ.

Барањата на ССМ, според Јовановиќ, се целосно оправдани, имајќи предвид дека две минимални плати покриваат само 72 процента од минималните трошоци.
– Минималната синдикална кошница – која ги мери трошоците кои му се потребни на едно четиричлено семејство само за да преживее еден месец – стигна до 66.500 денари. Од март 2024 до сега е зголемена за 7500 денари. Минималната плата во истото време е зголемена за само 1800. Две минимални плати покриваат само 72% од минималните трошоци. Тоа значи дека дури и ако имате двајца во семејството кои работат и земаат минимална плата, тоа семејство пак нема да може да ги задоволи своите најосновни потреби, вели Јовановиќ во изјава за Проверено.
Пред две години, посочува Јовановиќ, Македонија имаше највисока минимална плата во регионот, повисока и од Србија и од Црна Гора, а оттогаш, сите нѐ престигнале, од јули оваа година, дури и Косово.

 

Пронајдете не на следниве мрежи: