Јовески: Aко има докази и за други лица ќе биде покрената постапка

Јавниот обвинител Љубомир Јовески во врска со случајот што вчера го отвори ОЈО против Боки 13, најави проширување и за други лица доколку бидат обезбедени докази.
– Обвинителството е определено неселективно да ги гони сите лица за кои во постапката ќе докаже дека сториле кривично дело. Ве уверувам дека доколку во истрагата Обвинителството обезбеди докази и инволвораност на други лица и против нив ќе биде покрената соодветна постапка, рече тој, пренесе “Пресингтв“.
На Боки 13 и на Зоран Милевски им е одреден триесетдневен притвор, како осомничени за изнудување пари.
По собрани вербални и материјални докази, Обвинителството вчера отвори истрага во која осомничените ги товари за кривично дело “примање награда за противзаконито влијание“, а првоосомничениот Јовановски и за “перење пари и други приноси од казниво дело“.
Инаку, тие во два наврата примиле вкупно 1,5 милион евра од побарани осум милиони евра од лице против кое се водело истрага. На осомничениот од кого ги изнудиле парите му ветиле дека преку обвинител со кого имаат пријателски врски т.е. влијание ќе ја запрат истражната постапка или ќе му ја олеснат положбата во постапката.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.